Фактурата за авионскиот превоз на владината делегација која ја посети Унгарија изнесува 2,6 милиони денари, а не 12 милиони, истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашања за владините трошоци.
Иако редакцијата на Рацин.мк веќе неколку дена чека одговор која е сумата која е платена за ова патување, до објавувањето на овој текст не добивме одговор ниту од Владата, ниту пак од Службата за општи и заеднички работи.
Оваа сума не ги опфаќа трошоците за сместување ниту пак дневниците исплатени за министрите и целокупната делегација.
Тој појасни дека сумата опфаќа 60 авионски билети и дека во секое време може да биде презентирана пред јавноста.
– Околу 700 евра по билет, со сите вклучени такси, што е за 30% поевтино отколку да се патуваше со редовни линии како Скопје-Виена-Будимпешта или Скопје-Истанбул-Будимпешта. За групна карта бевме одбиени, иако таа ќе беше уште поскапа – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека посетата на Унгарија се исплатила, бидејќи од оваа држава веќе пристигнале инвестиции од една милијарда евра, а наскоро ќе следуваат уште неколку стотици милиони и покрај тоа што Унгарија не инвестираше во Македонија туку даде позајмица за која ќе наплати речиси половина милион евра од камати кои ќе ги платат граѓаните.