Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сараево со најзагаден воздух во светот – прогласена вонредна состојба

Властите во Сараево денеска прогласија вонредна состојба поради екстремно загадениот воздух, бидејќи според Светскиот индекс за квалитет на воздухот (AQ air), главниот град на Босна и Херцеговина е најзагаден во светот. Скопје е на 18 место во светот, а трет во Европа со индекс на загаденост 164, втора е Приштина 167 и двата града се означени со нездрав воздух за дишење.

Просечните дневни вредности на честичките PM10, кои главно содржат железо, алуминиум и силикат, а настануваат од согорување на цврсти горива, издувните гасови од возила и индустриски процеси, достигнаа рекордни нивоа на пет мерни станици.

Овие вредности се двојно поголеми од концентрациите на загадувачки материи во Дака (Бангладеш) и Њу Делхи (Индија), кои се на второ и трето место. Индексот на квалитет на воздухот во Сараево моментално изнесува алармантни 572, што го става градот во категоријата отровен воздух.

Ова значи дека загадувањето влијае на здравјето на сите кои се движат на отворено. Покрај високите концентрации на PM10, во изминатите три дена се регистрирани и надминувања на дозволените дневни граници за сулфур диоксид.

За да го заштити здравјето на граѓаните, Владата на Кантонот Сараево воведе дополнителни ограничувања. Забрането е движење на возила со стандарди EURO3 и пониски во централната градска зона, а на индустријата ѝ е наложено привремено запирање на технолошки процеси кои создаваат прашина, каде што е можно тоа технички да се изведе.

Работодавачите се повикуваат да овозможат работа од дома, а јавниот превоз кој не го загадува воздухот ќе работи со максимален капацитет. Иако се очекува промена на временските услови во четврток, стручните тела предупредуваат дека не е извесно дали тоа ќе донесе значително подобрување.

Владата апелира до граѓаните да го минимизираат престојот на отворено и да избегнуваат физички активности на отворен простор. Заводот за јавно здравје на Кантонот Сараево објави детални препораки за заштита на населението од негативните последици на загадувањето.

Зачлени се на нашиот е-билтен