Сашо Дранго повеќе не е заменик директор во „Македонија пат“

Александар Шуковски е назначен за нов в.д. заменик генерален директор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – „Македонија пат“, заменувајќи го досегашниот функционер Сашо Дранго.

Шуковски ја потврди информацијата преку објава на својот Фејсбук профил, најавувајќи дека функцијата ја презел од денес.

“Денес е мојот прв работен ден на позицијата, в.д. заменик генерален директор на ЈП ‘Македонија пат’. Голема благодарност до претседателот на Владата, г-дин проф. д-р Христијан Мицкоски, членовите на владата и членовите на управниот одбор за дадената доверба. Оваа доверба е голема чест, но и одговорност. Ветувам дека ќе работам посветено за да ја оправдам,” напиша Шуковски.

Контроверзии околу Сашо Дранго
Заминувањето на Сашо Дранго од функцијата доаѓа по бурните реакции во јавноста, кои беа предизвикани од неговата објава на социјалните мрежи. Дранго сподели фотографија на која позира со пушка покрај мртва мечка, што предизвика бројни критики.

Тогаш, Дранго тврдеше дека не ја застрелал мечката, туку дека животното било жртва на сообраќајна несреќа. Сепак, фотографијата предизвика негативни коментари и осуда од јавноста и организациите за заштита на животната средина.

Со ова назначување, Шуковски ја презема одговорноста за раководење со клучната институција задолжена за одржување и заштита на патиштата низ државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен