Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска реагираше на влошената безбедносна состојба во државата, барајќи оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Повод за реакцијата е последниот настан во Прилеп, за кој од партијата велат дека е „страшна потврда дека безбедносната состојба е излезена од контрола“.
Од СДСМ порачаа дека нема да шпекулираат околу конкретниот случај во Прилеп додека не се добијат официјални информации, но посочија дека во земјата веќе подолг период евидентно расте бројот на насилни инциденти.
„Изминатата година сме сведоци на преку 25 убиства и обиди за убиства, вооружени пресметки и активности на нарко-кланови кои, според нашите информации, слободно оперираат. Безбедноста е нарушена, а институциите се парализирани,“ вели портпаролката Кузеска.
Од СДСМ обвинија дека полицијата наместо да превенира, понекогаш и индиректно ги штити организираните структури, а министертот Тошковски продолжува да тврди дека криминалитетот е намален.
„Министерот со месеци зборува за намален криминал, додека граѓаните секојдневно се соочуваат со чувство на страв и несигурност. Тоа е недозволиво“, велат од СДСМ.
Партијата порачува дека, според нив, најосновната должност на државата – гарантирање на безбедноста – не се исполнува, и дека актуелното раководство на МВР нема капацитет да одговори на предизвиците.
„Пораката што ја добиваат граѓаните денес е дека нивната безбедност вреди помалку од политичките амбиции на власта. Затоа, инсистираме: министерот Панче Тошковски мора да поднесе оставка, не од морални, туку од функционални причини – затоа што не ја исполнува својата одговорност“, завршува реакцијата.