СДСМ бара оставка од Таравари по смртта на пациентот на Кардиохирургија

Здравствениот систем е на работ на тотален колапс, обвини СДСМ по трагичниот случај во Клиниката за кардиохирургија, каде што пациент починал поради нефункционална опрема и недостиг на основни материјали за итна интервенција.

Ангиографската сала на Кардиохирургија не работела речиси еден месец, а немало ниту стент-графтови, потврди и Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Поради тоа, пациентот не ја добил неопходната медицинска помош и го загубил животот.

„Ова не е здравствен систем, ова е хумана катастрофа. Пациент почина затоа што болницата немала елементарни услови за работа. Додека граѓаните плаќаат здравствено осигурување, државата им нуди распаднат систем што наместо да спасува, убива,“ изјави Белкиса Зекири од СДСМ, членка на Извршниот одбор на партијата.

Од СДСМ посочуваат дека ова е само еден од низата трагични примери кои го откриваат вистинското лице на здравствениот систем под водство на министерот Арбен Таравари.

„Во последниве 10 месеци, сведоци сме на недостиг на лекови, терапии за онколошките пациенти, умирање деца на Клиниката за детски болести и општ хаос на сите нивоа. Оваа Влада и министерот Таравари го доведоа здравството до точка без поврат. За ова мора да има одговорност,“ вели Зекири.

СДСМ официјално побара оставка од министерот за здравство Арбен Таравари, како и од директорот на Клиниката за Кардиохирургија, Дејан Димитровски. Одговорност, велат, мора да има, за секој живот кој не бил спасен поради институционален хаос и негрижа.

Зачлени се на нашиот е-билтен