СДСМ бара санкции и разрешување на Миленко Неделковски од ФК Вардар поради навреди кон жени

СДСМ денеска реагираше на изјавите на Миленко Неделковски, оценувајќи дека станува збор за навреди и омаловажувања кон жените, и побара негово разрешување од ФК Вардар.

„Во денови кога Македонија е потресена од грозоморни случаи на фемицид, кога растат насилствата и убиствата врз жени, Миленко Неделковски, пуленот на ВМРО-ДПМНЕ, си дозволува навреди кон жените. Ова не е прашање на политика, туку на лична безбедност и почит“, се наведува во соопштението на партијата.

Оттаму истакнаа дека очекуваат реакција и санкционирање од сите надлежни институции, како и јасна осуда од граѓанските здруженија, медиумските организации и јавни личности.

„ВМРО-ДПМНЕ да не молчи туку да го осуди Неделковски, бидејќи молкот е соучесништво, а премолчувањето значи охрабрување на насилството. Бараме овој човек веднаш да биде разрешен од ФК Вардар, затоа што најтрофејниот фудбалски клуб во државата не смее да има вакви личности во своите редови“, порача СДСМ.

Форумот на жени на СДСМ најави дека ќе поднесе и официјална пријава за случајот, со порака дека нема да молчат пред навреди, закани и омаловажувања кон жените.

Зачлени се на нашиот е-билтен