СДСМ: Борбата за родова еднаквост на СДСМ е многупати докажана, остануваме посветени на основните вредности

„Во духот на социјалдемократијата е да се гради праведно и инклузивно општество. Тоа може да се постигне само преку адресирање на општествените и економските нееднаквости. Само така можат да се надминат стереотипите и на сите граѓани да им се овозможи еднаков пристап до можности и ресурси“ велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по Фејсбук статусот на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов дека СДСМ го промениле пристапот.

Костадинов претходно на социјалните мрежи напиша дека СДСМ го менува пристапот и дека жената ја става на прво место, а го трга родот и родовите политики.

Од неговата партија сепак реагираат дека борбата за родова еднаквост на СДСМ во општеството е многупати докажана и дека СДСМ останува посветен на своите основни вредности.

„Официјалните партиски ставови ги градат членовите на седници на соодветните партиски тела и органи преку дебата. Индивидуалните ставови градени на други места не се ставови на партијата“ велат од СДСМ.

Во соопштението СДСМ повторува дека еднаквоста, праведноста и солидарноста се основните социјалдемократски вредности, темелите на кои се градат социјалдемократските политики.

„Борба за еднакви права, праведност и социјална правда за сите индивидуи, борба за родова еднаквост и недискриминација, почитување на основните човекови права“ велат од СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен