СДСМ веќе со денови предупредува на последните настани поврзани со најголемата заплена на марихуана во регионот: 5 тони дрога во соседна Србија, која потекнува од Македонија. Според неофицијални информации од медиумите во Србија, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од Американската агенција за борба против дрога (DEA).
Ова на прес конференција го соопшти генералнииот секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ, кој истакна дека ова е скандал од огромни размери кој го открива длабокиот криминал на актуелната власт предводена од ВМРО и Христијан Мицкоски.
„Поради оваа меѓународна соработка, премиерот Мицкоски веќе една недела нема одговор на клучното прашање: како 5 тони марихуана успеале да ја преминат границата, да излезат од Македонија и да влезат во Србија“, рече Димитријевиќ.
Тој нагласи дека овој молк не е случаен, туку индикатор дека во тврдењата има вистина.
„Бидејќи фактите укажуваат дека без поддршка на структури во власта, МВР, Царината и други институции, ваква огромна шверцерска операција би била невозможна. Затоа е паниката во власта“, оценуваат во СДСМ.
Димитријевиќ рече дека „наместо да се соочат со фактите, тие водат медиумска кампања за дефокусирање на јавноста од енормните количини запленета дрога“.
„СДСМ бара итна, независна и транспаррентна истрага која ќе даде одговор на клучните прашања: Кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку граница? Дали Симе, од сликите со Мицкоски е исто така дел од мрежата? Ова нема лесно да заврши! Сите ќе одговараат!“, беше нагласено на прес конференцијата на генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ.