Филипче и СДСМ со поддршка и солидарност за Костадинов

Поранешниот градоначалник на Струмица и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов, кој минатата година јавно и остро го критикуваше тогашното раководство на партијата и д-р Венко Филипче, денес доби јасна поддршка од СДСМ, откако против него беше поднесена кривична пријава што партијата ја оцени како „политички прогон“.

Костадинов во јули минатата година го замрзна членството во СДСМ и упати јавни критики дека раководството „ја изгубило компас линијата“ и дека „СДСМ повеќе не личи на себе“. Во медиумите директно му се обрати и на Филипче, привлекувајќи големо внимание со изјавата дека „е тешко да го носиш СДСМ“.

По последната кривична пријава, партијата денес испрати сосема поинаков сигнал. Во нивното соопштение се наведува дека случајот содржи јасни елементи на политичка пресметка и дека институциите под контрола на власта спроведуваат „политички прогон“.

„Фатена во криминал до гуша за испумпување на парите на граѓаните, власта посегнува по политички прогон. Како што се зголемува бројот на скандали за криминалот на власта, така се зголемува нервозата, а со тоа и монтираните процеси, како последниот случај со електричните автобуси во Струмица“, стои во реакцијата на СДСМ.

Партиски извори велат дека Филипче бил јасен дека СДСМ ќе реагира секогаш кога некој е изложен на неправда. Денешната постапка се толкува како сигнал за стил на лидерство заснован на принципи, а не на лични односи.

И додека Костадинов минатата година порача дека „е тешко да го носиш СДСМ во себе“, денес партијата покажува дека знае да застане зад свој член кога тоа е прашање на правда, а не политика.

Зачлени се на нашиот е-билтен