СДСМ: Инфлацијата го изеде растот, граѓаните тонат во сиромаштија

На денешната прес-конференција, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија жестоко ја нападна економската политика на владата на Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја за, како што велат, „тотален дебакл“ во управувањето со економијата на земјата.

Според СДСМ, последните податоци на Државниот завод за статистика потврдуваат дека годишната инфлација достигнала 3,3%, што директно влијае врз стандардот на граѓаните. „Овие бројки не се само статистика – тие се болна реалност во секој македонски дом“, истакнаа од партијата.

Од СДСМ предупредуваат дека инфлацијата веќе го јаде семејниот буџет, платите, па дури и самиот економски раст. Во реакцијата се посочува дека ветувањата за економски бум и позиционирање на Македонија меѓу најуспешните економии во Европа биле „голема лага“, а реалните показатели укажуваат на нешто сосема спротивно.

„Мицкоски тврдеше дека имаме раст на БДП од 3,4%, но вистинската бројка е 3%. Кога тоа ќе се спореди со инфлацијата од 3,3%, добиваме реален негативен раст“, велат од опозициската партија.

Според нив, куповната моќ на граѓаните е најниска во регионот. БДП по жител, според куповната моќ, изнесува само 42% од европскиот просек, далеку зад Србија (51%) и Црна Гора (53%).

„Животот во Македонија станува луксуз, граѓаните преживуваат од ден за ден, броејќи го секој денар“, истакнаа од СДСМ.

Како дополнителна иронија, според нив, владата реагирала со зголемување на платите – но не на работниците, туку на функционерите. „Министерката за финансии без срам тврди дека повисоки плати за работниците ќе предизвикале инфлација, но очигледно тоа не важи за министрите и директорите“, коментираа од СДСМ.

Партијата повика на итна промена на економската политика и конкретни мерки за заштита на животниот стандард. „Време е оваа влада да почне да работи за народот, а не само за функционерите“, заклучија.

Зачлени се на нашиот е-билтен