Директорот на БЈБ, Јанев треба да одговара кривично по закон и хиерархија, а министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски мора веднаш да поднесе оставка, порача денеска на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Миле Талевски.
Без нивно повлекување, рече Талевски, секоја истрага е компромитирана, секоја правда е селективна, како и досега, додавајќи дека речиси четири месеци Мицкоски и Тошковски ја прикривале вистината за трагедијата во Кочани и правеле сè за да ги заштитат полициските функционери поставени од нив.
„Наместо итно да се побара одговорност, власта штитеше, молчеше и манипулираше со јавноста. Целта беше јасна – да се спречи вистината, за да се побегне од одговорноста од врвот на власта, до директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и до министерот Панче Тошковски“, рече Талевски.
Тој нагласи дека само по силен јавен и политички притисок, од СДСМ и дел од медиумите, конечно биле отворени постапки против неколку полициски началници.
„Сега е јасно како ден дека вината е во врвот на МВР, во врвот на власта и за тоа мора да има кривична, правна и политичка одговорност., рече Талевски.