СДСМ: Кумот на Максим Димитриевски со поддршка на ДУИ си спечали 350.000 евра

Денес јавно го презентираме во детали најголемиот урбанистички корупциски скандал што го видел Куманово во последните децении – организиран, координиран и спроведен под директно влијание на градоначалникот Максим Димитриевски. Денес членовите на ЗНАМ и поддржувачите ќе дознаат дека движењето на ЗНАМ е движење за корупција и богатење на нивниот претседател Максим Димитриевски, соопштија денеска на прес конференцијата на која се обрати советничката на СДСМ во Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска.

Обраќањето на Атина Мургашанска го пренесуваме интегрално:

Ќе видиме како големиот поборник за правда Димитриевски, кој својата кариера ја изгради противејќи се на ДУИ, сега во соработка со советниците токму на ДУИ, си изгласа ДУП, со кој очигледно дебело се офајди со сума од 350.000 евра.

Ова што го режираше Димитриевски, поддржан од советниците на ДУИ, треба да влезе во книгите за организиран криминал и корупција. Фактите се следни:

Прво, преку политички притисок и манипулации, се изгласа измена на Деталниот урбанистички план на просторот кај поранешен ЧИК Куманово, односно простор од над 40.000 м² државно земјиште, под изговор за инвестиција на „Лидл“.

Но зад навидум добрата намера, се крие добро осмислена шема за лично богатење преку семејни, кумски и политички врски. Фактите се јасни и недвосмислени:

Во август 2023, Општина Куманово распишува тендер за продажба на државно земјиште во индустриската зона Речица. Се знае однапред – купувач ќе биде „Лидл“. Продажбата е директно од државата кон Лидл, со цена од 5,5 милиони евра. До тука нема ништо спорно.

Но сега внимавајте, само два месеци подоцна, друга парцела која е во сопственост на таткото и братучедот на Димитриевски, е купена од кумот на Димитриевски, Драган Митевски, за 250.000 евра. По само неколку дена, истата парцела е препродадена на „Лидл“ – за 600.000 евра. Кумот на Димитриевски, кој го купил земјиштето од фамилијата на Димитриевски, заработил 350.000 евра – за неколку дена. Без бизнис, без инвестиција, без ризик. Само со купи-продај!

Почитувани граѓани, ова е корупција чиста како солза! Може ли Димитриевски да ги поучи граѓаните како со купување и препродажба на земјиште за неколку дена се прави профит од 350.000 евра?

Да ја потсетиме јавноста, дека првиот обид за носење на ДУП-от пропадна заради судир на интереси на советникот на ЗНАМ. Откако ова не им успеа, Максим Димитриевски и Кумот решаваат да го донесат овој ДУП по секоја цена и наоѓаат нов начин.

Тука во пресрет им излегува наводно лутата опозиција против која Максим се бори – а тоа е ДУИ. Со помош на гласовите на ДУИ, вчера општината го усвојува ДУП-от.

Ова е класична шема на тргување со влијание. Ова е злоупотреба на службена положба. Ова е корупција на дело. Градоначалникот сè уште се обидува да се скрие зад закони и процедури, додека негови блиски роднини, кумови и политички соработници прават бизнис на грбот на државата и граѓаните.

Прашања кои мора итно да ги одговори Димитриевски:

Од сите парцели во Куманово, како точно „Лидл“ завршува со имот на семејството на Димитриевски?

Како тоа за неколку дена пораснала цената на земјиштето повеќе од двојно?

Дали реномирана компанија е намерно навлечена да плати повеќе?

Колку пари од оваа зделка во џеб има ставено градоначалникот и неговата фамилија?

Како тоа ДУИ, која на хартија е опозиција, гласа за предлог на градоначалник кој нема мнозинство? Нели ДУИ беа оние против кои се бореше ЗНАМ на Максим Димитриевски? Или кога е бизнис во прашање добри се? Дали е точно дека за да изгласаат, им е ветена противуслуга на поединци?

И за крај едно директно прашање и до премиерот Мицкоски. Премиере, зошто Максим Димитриевски има право да си соработува со ДУИ за свои интереси, а Таравари не смее?

Бараме институциите итно да постапат во овој очигледен скандал.

Бараме ЈО да поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, тргување со влијание и потенцијална корупција.

Бараме ревизија од Државниот завод за ревизија за целата постапка на измена на ДУП-от.

Бараме итна постапка и од Државната комисија за спречување корупција.

Овој случај нема да го заташкате. Куманово не е приватен бизнис на семејството Димитриевски.
На граѓаните им должиме чиста институционална средина, а не тајкуни со функција.
Ве повикуваме сите – новинари, граѓани, институции – да ја следите оваа афера до крај. Ова е тест за државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен