СДСМ: Мицкоски бара враќање на Ива, а молчи за Груевски

СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски за двојни стандарди во случаите со Ива Михаилова и поранешниот премиер Никола Груевски. Од партијата прашуваат зошто Мицкоски најавува дека ќе го отвори случајот со Михаилова пред НАТО и европските партнери, додека сè уште нема ново барање за екстрадиција на Груевски од Унгарија.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција изјави дека власта се обидува да ја избегне одговорноста за заминувањето на Михаилова во Бугарија, и покрај судските мерки што ѝ го ограничувале движењето.

„Скандалот со пуштањето на Ива Михаилова го откри договорот под радар, под маса направен во Софија. Муцунски договори, Тошковски ја пушти, Мицкоски одобри, границата е швајцарско сирење, а одговорност нема“, изјави Кузеска.

Станува збор за обвинувања на опозициската партија за кои засега нема јавно презентирани докази дека заминувањето на Михаилова било договорено меѓу македонските и бугарските власти.

Кузеска го повика Мицкоски да објасни зошто со истата решителност не бара враќање на Никола Груевски, кој во 2018 година избега во Унгарија, каде што доби политички азил.

„Зошто не се жали, зошто со истата гласност не бара негово враќање од Унгарија? Ива е осомничена, ама Груевски е осуден. Каде е најавеното ново барање за екстрадиција на Груевски?“, праша портпаролката на СДСМ.

Таа потсети дека во мај годинава Министерството за правда најави комплетирање на документацијата за ново барање за екстрадиција на поранешниот премиер.

Според СДСМ, и покрај најавите и промената на власта во Унгарија, новото барање сè уште не е испратено.

„Вистината е дека тој го штити Груевски и не сака да бара екстрадиција“, обвини Кузеска.

Министерството за правда во април и мај информираше дека работи на прибирање и комплетирање на потребните документи од судовите и обвинителствата. Претходното македонско барање за екстрадиција на Груевски, поднесено во 2018 година и дополнето во 2019 година, беше одбиено од Унгарија поради доделениот политички азил.

Во меѓувреме, Мицкоски најави дека случајот со Ива Михаилова ќе го отвори пред партнерите во НАТО и Европската Унија, оценувајќи дека Бугарија не смее да стане прибежиште за лица кои избегнуваат кривична одговорност во Македонија.

Михаилова, против која се води судска постапка во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици, на 12 октомври замина во Бугарија и покрај одземените патни исправи. По нејзиното заминување беше определен притвор и распишана меѓународна потерница.

Бугарските власти соопштија дека не можат да ја екстрадираат поради нејзиното бугарско државјанство и ограничувањата во нивното законодавство.

Мицкоски ги отфрли тврдењата на опозицијата дека заминувањето на Михаилова било однапред договорено со Софија и најави дека истрагата треба да утврди како ја напуштила државата.

Од СДСМ, пак, бараат одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и објаснување за пропустите што овозможиле Михаилова да ја премине границата.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?