СДСМ денеска преку потпретседателот Методија Илиевски на прес-конференција повторно побара од премиерот Христијан Мицкоски и директорот на АНБ, Бојан Христовски, да ја декласифицираат документацијата поврзана со наводното следење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека веќе две недели власта одбива да ги отвори документите, а истовремено ја саботира работата на надзорната собраниска комисија за контролата на АНБ и АР. Како доказ за тоа, СДСМ го посочи вчерашното откажување на седницата на комисијата, иако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ инсистираа таа итно да се одржи.
„Од што се плаши Христијан Мицкоски? Дали се плаши дека документите ќе ги откријат неговите врски со странски служби и финансирање на активности за дестабилизација на државата?“ праша Илиевски.
Според него, оперативната обработка на АНБ и АР која не се декласифицира, се однесувала на откривање руски агентурни мрежи, екстремизам и странско финансирање. „Дали дел од тие пари завршиле кај Мицкоски или во Белата палата?“ додаде тој.
СДСМ повторно повика на објавување на документите, со образложение дека јавноста има право да ја знае вистината за евентуалните поврзаности на премиерот со странски фактори.