СДСМ: Мицкоски и Орце ќе продолжат со дивоградбите во Чаир и Скопје

СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски дека продолжуваат да ги штитат дивоградбите и урбаното дивеење во Скопје, особено во општината Чаир.

„Со изјавата дека нема да го следи примерот на албанскиот премиер Еди Рама и нема да руши дивоградби во Чаир, Мицкоски јавно призна дека нема намера да стави ред во хаосот со бесправната градба во Скопје“, соопштија од СДСМ.

Партијата го обвинува и градоначалникот на Аеродром, Орце Ѓорѓиевски, дека заедно со Мицкоски и останатите функционери на ВМРО-ДПМНЕ се дел од проблемот, а не од решението за урбанистичкиот хаос во главниот град.

„Наместо да се справат со криминалните дивоградби, тие ги легализираат и охрабруваат, уништувајќи паркови, јавни површини и квалитетот на живот на граѓаните“, велат од СДСМ, додавајќи дека гласот за ВМРО-ДПМНЕ е глас за претворање на Скопје во град на дивоградби.

СДСМ најавува дека ќе продолжи активно и гласно да се спротивставува на, како што велат, урбаното дивеење, криминалот и незаконската градба која го разурнува изгледот на градот и го загрозува животниот стандард на граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен