Социјалдемократите на денешната прес конференција уште еднаш потенцираа дека премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и јавниот обвинител Љупчо Коцевски и понатаму ги штитат полициските службеници кои имаат директна вина за најголемата трагедија во историјата на Македонија, пожарот во дискотеката Пулс во кој животот го загубија 62-ца млади луѓе, а 200 беа повредени.
„Мицкоски и Тошковски прават се за да ги прикријат трагите и непосредната одговорност на оние кои кобната вечер донеле одлука да се затворат вратите на дискотеката што непосредно придонеле да има толкав број на жртви од оваа трагедија. Власта се обидува да ги заштити и оние кои биле должни да ја затворат дискотеката која кобната вечер работела без никаков документ во целост надвор од законските рамки и прописи и покрај фактот што јавно било објавено дека таа вечер во овој објект се организира забава. Не само што власта на Мицкоски ги штити полициските службеници кои се срам за униформата туку и одбива да одговори на конкретни прашања на медиумите поврзани со оперативниот план таа вечер“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска.
Таа праша Како е можно и од кои причини оперативниот план за акциската контрола на повеќе локали низ Македонија меѓу кои и дискотеката Пулс да биде класифицирана информација, 3 месеци после спроведувањето на акцијата?
„МВР крие и кои биле оперативните процедури кои ги наложувала оперативната акција, односно крие кој ја дал наредбата да бидат затворени вратите на дискотеката Пулс, чин кој одзел драгоцени минути и секунди кои би значел спасен живот повеќе. Власта крие и кој ја дал наредбата да се спроведе акциска контрола во објект кој не смеел да биде отворен таа вечер затоа што немал никаква дозвола за работа, акциска контрола во која еден полициски службеник го загуби својот живот. Дали власта го штити началникот на СВР Штип, Дејан Салтировски и дали тој ја дал наредбата да се прави акциска контрола на објект кој воопшто таа вечер не смеел да работи“, рече Кузевска.
Социјалдемократите прашуваат и ‘Дали власта го штити Салтировски чиј адвокат бил лично министерот Тошковски? Дали Мицкоски го штити Салтировски затоа што е во кумовски врски со Орце Тодоровски Ефто кој е бизнис партнер во хидроцентралите на Мицкоски?“.
Дали МВР ги класифицирале овие документи затоа што потпис и наредба да се затворат вратите на дискотеката Пулс спротивно на стандардните оперативни процедури при акциска контрола ставил токму Салтировски?
Нема одговорност ниту за Драган Казак Петрушев кој спровел наредба спротивна на стандардната оперативна процедура и ги затворил вратите на дискотеката.
Нема одговорност ниту за началничката на економски криминал Кристина Јованова која дозволила да организира забави со стотици присутни, фирма со блокирана сметка повеќе од 200 дена која не можела да исплаќа плати и обврски кон добавувачи.
Јованова не само што дозволила фирмата да работи во целост на црно со исплати во кеш без фискални сметки туку и самата редовно ја посетувала истата.
Нема одговорност ниту за Томо Донев кој е началник на криминалистичката полиција во Кочани во моментот кога се случува пожарот во дискотеката Пулс.
Како е можно Донев да не знае дека редовно во единствената дискотека во градот се употребува пиротехника и да не постапи соогласно Закон и да побара лиценца за истата?
Трагедијата во Кочани е масовно убиство со потпис на државата, потпис на власта која прави се за да се спаси од одговорност за смртта на 62-ца млади луѓе!
Обвинителството констатирало во истрагата дека ММММ ДООЕЛ немало дозвола за употреба на пиротехника, ниту имало лице со дозвола за ракување на пиротехника, зошто нема одговорност за инспекторите надлежни за надзор на пиротехниката?
Зошто се крие името на фирмата која на црно увезувала пиротехнички средства?
Дали се крие кој се потпишал на оперативната наредба спротивна на стандардните оперативни процедури со што било наредено да се затворат вратите?
Дали се работело спротивно на стандардни оперативни процедури?
СДСМ нема да дозволи никој да ја заташка истрагата за трагедијата во Пулс. СДСМ продолжува со Вистината за Кочани.