СДСМ: Мрежа во министерството на Андоновски – жената државен секретар, а мажот добива тендери

Во Министерството  за дигитална трансформација каде втор човек е државниот секретар – Гордана Клинчарова, тендери добива Друштвото за производство, трговија, промет и услуги МАТЕО ДИЗАЈН ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, фирма на нејзиниот сопруг, Мартин Клинчаров. Првиот договор за набавка на конференциска и презентациска опрема во вредност од 2.400.000 денари или околу 40.000 евра. И вториот договор, за набавка на ИТ опрема во вредност од 529.000 денари, обвинуваат од СДСМ.

-Ова се два договори, склучени помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Друштвото за производство, трговија, промет и услуги МАТЕО ДИЗАЈН ДООЕЛ увоз-извоз Скопје застапувано од управителот Мартин Клинчаров – сопруг на Гордана Клинчаров. Очигледно, не постои случајно избрана фирма кога се работи за тендерите на ДПМНЕ. Денешниот скандал е пример за директен конфликт на интерес, непотизам и основано сомнение за корупција во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски, рече на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Според неа, само од овие два тендери, преку Министерството на Андоновски, околу 50.000 евра завршиле кај фирмата на сопругот на Клинчарова, која е државен секретар во истото Министерство.

-Ете каде завршуваат парите на граѓаните. Во семејните фирми на функционерите од ДПМНЕ. Ова е еклатантен пример за конфликт на интерес и непотизам од страна на ДПМНЕ. Но и сериозен сомнеж за корупција. Прашањето е каква е улогата на министерот Андоновски во овој скандал и дали бил и тој соучесник, бидејќи неговото име и презиме стои на договорите како потписник, рече Кузеска.

Таа додаде дека истата оваа фирма на Мартин Клинчаров била дел од изведувачите на проектот Скопје 2014, за поставување на мермер и изведба на мостот Гоце Делчев.

Близината на кадрите на ДПМНЕ и Маето Дизајн оди дотаму што фирмата се јавува и како донатор во Општина Аеродром, во перид кога градоначалник е, Тимчо Муцунски. И повторно, истиот Тимчо ја поставил Гордана Клинчарова за Раководител на секторот финансии за време на неговиот мандат. Традиционално, секаде каде што Гордана Клинчарова е поставена од ДПМНЕ на одредена позиција, нејзиниот сопруг развива тесна институционална соработка, рече портпаролката на СДСМ.

Партијата бара Државната комисија за спречување на корупција да отвори предмет и да постапи за овој, како што велат, скандал, а сите надлежни институции да се вклучат во негово расчистување.

Шемата, рече Кусеска, е страотна и ќе биде целосно презентирана во јавноста со сите докази за лица кои се директно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и со компаниите кои земале милионски тендери.

Зачлени се на нашиот е-билтен