СДСМ: Над 130 милиони евра се блокирани по скандалот со ИПАРД, имаме решенија за деблокада

Со суспендирањето на ИПАРД 3, блокиран е целиот буџет од 128 милиони евра, но бидејќи досега на располагање на земјоделците се ставени 65 милиони евра со кофинансирање тоа се  вкупно инвестиции во износ од 130 милиони евра кои сега де факто се ставени во мирување, порача на денешната прес-конференција пратеникот од СДСМ, Љупчо Ниоловски.

„Досега има склучени 453 договори во вредност од 35 милиони евра, од кои исплатени се само 10 милиони. Во моментов над 180 инвестиции вредни над 25 милиони евра, се директно погодени, а уште 30 милиони евра во нови проекти се стопирани. Овие бројки ги потврди и соопшти и Министерството за финансии вчера.

Значи вкупно, над 130 милиони евра инвестиции во земјоделството се ставени во мирување. Зад сите овие бројки стојат луѓе, земјоделци, фирми, семејства, кои вложиле сè со надеж дека државата и Европа стојат зад нив. Денес тие се оставени без одговор кога и дали ќе им бидат исплатени средствата, дали воопшто ќе можат да продолжат или не. Исто така, стотици нови апликанти кои ги подготвија своите проекти за 2025 година сега се во ќорсокак. И најавените нови јавни повици се стопирани“ вели Николовски.

Според него, ова е силен удар и македонското земјоделството е пред ризик од економски колапс, бидејќи програмата која била симбол на развој и модернизација денес е на колена.

Николовски претстави и план за деблокада на средствата, упатувајќи апел до Владата истиот да биде прифатен и реализиран.

Упатувам јасен повик до Владата, Министерството за земјоделство, Министерството за финансии и  Агенцијата за финансиска поддршка да го прифатат овој план за деблокада на ИПАРД програмата во неколку чекори.

1. Утврдување на фактичката состојба, обемот и слабостите. Како претседател на Комисијата за земјоделство, веќе побарав детални информации за причините и обемот на суспензијата. Целта е јасна: да се утврди вистината, да се откријат институционалните слабости. 2. Потоа, врз база на овие наоди заеднички да се подготви Акциски план кој државата ќе го достави, и ќе го презентира до Европската комисија. Со ваков еден план државата ќе се обврзе да преземе и да воспостави засилени механизми на контрола, ефективни антикорупциски мерки и поголема транспарентност во спроведувањето на европските програми.

Нашата порака до партнерите во Брисел мора да биде јасна и недвосмислена: ова е изолиран случај, надлежните мора да постапат, секој што е инволвиран ќе биде сакнциониран. Време е да покажеме одговорност и решителност бидејќи ова не е само прашање на европски фондови ова е прашање на доверба во институциите, прашање за иднината на македонското земјоделство. Нека овој момент биде пресвртна точка, да изградиме систем кој нема да зависи од поединци, туку од јасни правила, интегритет и отчетност“ порача Николовски.

Зачлени се на нашиот е-билтен