СДСМ: Нов скандал со дипломи – дали Јанев е незаконски назначен за директор на БЈБ?

Нов скандал со дипломи се појавува во безбедносните служби, откако СДСМ изнесе сериозни сомнежи дека директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, можеби не ги исполнува законските услови за оваа функција.

Во соопштение, од партијата велат дека „постои анонимна претставка до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) поради основани сомнежи за незаконитост на дипломата за магистерски студии на Јанев, стекната на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје“. Според СДСМ, дипломата е меѓу основните законски критериуми за назначување на директор на БЈБ.

Како што нагласуваат од партијата, во официјалната биографија на Јанев објавена на страницата на Министерството за внатрешни работи „нема точен датум за стекнување на звањето магистер“. Дополнително, „на сајтот на Универзитетот Скопје нема податоци за јавна одбрана на магистерски труд“, а „не е пронајден ниту запис во електронските системи на универзитетот и Министерството за образование за проверка на плагијат, што е законска обврска“.

СДСМ истакнува дека според Законот за научноистражувачка дејност, секој магистерски труд мора најмалку 30 дена пред одбраната да биде внесен во системот за проверка на плагијати. Јанев бил именуван за директор на 28 јуни 2024 година, а постојат индиции дека токму во тој период системот не функционирал.

„Дали Владата на ВМРО-ДПМНЕ избрала човек кој не ги исполнува законските услови? Дали станува збор за фалсификување документи поради партиски интереси? Зошто Министерството за внатрешни работи молчи за овие јавно објавени сомнежи?“, се прашува во соопштението на СДСМ.

Партијата бара итна истрага од Јавното обвинителство и јасни одговори за спорниот случај. Оттаму потенцираат дека „додека јавноста сè уште чека разрешница за директорот на Агенцијата за национална безбедност поради сомневања во неговиот сертификат, сега се отвора нов скандал во највисоките безбедносни институции – во АНБ и БЈБ“.

„Безбедноста на граѓаните е ставена во канџите на партиски луѓе за кои е прашање дали ги исполнуваат законските критериуми“, порачуваат од СДСМ, предупредувајќи дека „ова претставува сериозна безбедносна закана“.

Од партијата најавуваат дека ќе продолжат „гласно да ги разобличуваат секој скандал, секој фалсификат и секој обид за окупирање на институциите по незаконски пат“ и посочуваат дека „функционирањето на безбедносните служби не смее да биде жртва на партиската држава што ја инсталира ВМРО-ДПМНЕ повторно“.

Видео-материјал за темата достапен е на следниот линк: https://youtu.be/0lumG_F-rt

Зачлени се на нашиот е-билтен