СДСМ обвинува за „хаос“ во земјоделието: ниски откупни цени, скратени субвенции и неисполнети ветувања

„Земјоделците се оставени сами на себе, а македонското земјоделство тоне секој ден.“ Со оваа реченица претседателот на Комисијата за земјоделство на СДСМ, Трајан Димковски, ја отвори денешната прес‑конференција, на која го обвини ресорниот министер Цветан Трипуновски и владата предводена од ВМРО‑ДПМНЕ дека не успеале да испорачаат ниту повисоки субвенции ниту стабилни откупни цени.

Димковски посочи дека откупната цена на пченицата оваа жетва паднала на 12 денари за килограм, а во најголемиот дел од случаите и на 10 денари. Според него, околу 25 000 земјоделци што обработуваат 70 000 хектари пченица се директно погодени. „Во времето на владите на СДСМ, пченицата во жетва се продавала и по 17 денари“, потсети тој, додавајќи дека опозицискиот амандман за дополнителни пет денари поддршка по килограм бил одбиен.

Опозицијата обвини и дека ребалансот на буџетот го скратил фондот за субвенции за 478 милиони денари, односно од 8,4 на 6,7 милијарди денари, што, како што рече Димковски, претставува „минус од речиси 30 милиони евра за земјоделците“.

На удар се најде и лозарството. Според Законот за вино, Министерството до 15 јули треба да објави производна цена за сортите „вранец“ и „смедеревка“, врз основа на која се формира откупната цена со плус 25 проценти. „Рокот помина, а цената сè уште не е објавена“, рече Димковски, оценувајќи ги како „срамни“ најавите за откуп од 21,3 денари за вранец и 18,9 денари за смедеревка.

Министерството за земјоделство засега не одговори на обвинувањата.

Зачлени се на нашиот е-билтен