„Љутков и ВМРО-ДПМНЕ ја оставаат спомен-куќата на Петре М. Андреевски да скапува – тоа е нивниот патриотизам! Срамно е, болно и понижувачки за целата држава кога синот на Петре М. Андреевски, еден од најголемите великани на македонската книжевност, мора да бара поддршка за да се спаси спомен-куќата на неговиот татко од влага, заборав и молк“.
Ова се истакнува во реакцијата на СДСМ откако беше објавено дека спомен-куќата во Слоештица, родното место на големиот македонски писател Петре М. Андреевски, пропаѓа препуштена на забот на времето и на негрижата за нејзино одржување
„Тоа е резултатот кога министерот Љутков ја зголемува ставката за патувања и репрезентации на сметка на буџетските средства намените за заштита на културното наследство“, посочуваат од СДСМ.
Оваа спомен-куќа, оваа меморијална постановка во Слоештица, укажуваат од опозициската партија, беше создадена токму во време на владеење на СДСМ – со јасна намера: трајно да се сочува споменот на творецот на „Пиреј“, творецот кој ја однесе Македонија до светските книжевни височини.
„А денес? Денес тоа светилиште на македонската литература е оставено на забот на времето, игнорирано од министерот Љутков и Владата на ВМРО-ДПМНЕ, кои инаку постојано се повикуваат на ‘чување на македонскиот идентитет’“, се потенцира во соопштението на СДСМ.
За СДСМ состојбата во која се наоѓа спомен-куќата посветена на Петре М. Андреевски „не е обична негрижа, туку културен вандализам под раководство на Љутков и ВМРО-ДПМНЕ“.
Во реакцијата се вели дека „ги красат бините со зборови за традиција, а ја пустошат суштината на нашата културна меморија. Ги споменуваат Карев и Делчев за дневно-политички поени, а го забораваат Петрета – кој ја воспеваше Македонија не со знамиња, туку со збор“.
„Оваа небрежност е културно предавство. Денес е Петре, утре ќе биде некој друг. А кога ќе ја снема културата – ќе ја снема и државата. Затоа СДСМ бара итна реакција, без разлика на кого е надлежноста, и спомен-куќата на Петре М. Андреевски да се стави под државна заштита и за истата да се обезбедат средства за одржување“, нагласуваат од СДСМ.
За партијата СДСМ, „очигледно е дека ова е новата културна политика со која власта докажува дека не ја цени ниту државата ниту делото и ликот на нашите великани. Ако не знаете кој е Петре – прашајте ги учениците. Тие сè уште го читаат ‘Пиреј’“, и порачуваат: „Ако не знаете што значи држава – прашајте нè нас. Зашто држава се гради со заштита и чување на културната посебност, а не со заборав“.