СДСМ повторно го обвини врвот на ВМРО-ДПМНЕ дека „молчи 24 часа по објавата на скандалот“. „Ниту збор, ниту објаснување, ниту демант. Зошто молчите, господине Мицкоски? Македонија заслужува одговори“, се наведува во соопштението. Според партијата, фирмата „Салтировски Консалтинг“ – во сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип – „долги години донира пари во ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено можеби водела фиктивно сметководство за фирмите поврзани со дискотеката ‘Пулс’“.
„Постои сериозен сомнеж дека преку оваа фирма биле исплаќани паушали за полициска заштита на локали оставени без контрола, меѓу кои и ‘Пулс’ – каде животот го загубија 62 деца“, наведува СДСМ. „Дали токму тие пари, од подземјето, завршувале во кампањите на ВМРО-ДПМНЕ?“
На денешната конференција беше поставено прашањето: „Дали ‘Салтировски Консалтинг’ служела како фирма-параван за прибирање рекет од локали што биле изоставени од полициска контрола?“, „Дали водела фиктивна сметка за ‘Класик’ ДООЕЛ и ‘ММММ’ ДООЕЛ, кои управувале со ‘Пулс’?“, и „Каде исчезна предметот ‘Делчевски Ниви’ – беше ли оваа фирма вмешана и таму?“
Во соопштението е цитирано и остро предупредување: „Истрагата покажува директна врска меѓу трагедијата во ‘Пулс’ и највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ги објавиме сите податоци од прв до последен.“ СДСМ додава: „Нема да ги заштитиш своите и да ја скриеш вистината, затоа што ја знаеме целата.“
Партијата пак го повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да „ги тргне партиските канџи од обвинителството и судството“: „Господине Мицкоски, излезете и признајте го она што веќе е јавна тајна,“ стои во завршниот дел, каде СДСМ порачува дека нема да престане „сè додека јавноста не добие конкретни одговори“.