СДСМ: Платите на работниците треба да се покачат сега, а не за две години

СДСМ

На работниците не им требаат изговори ниту некакви најави за 2 години. На работниците треба платите да им се покачат сега, оваа година, затоа што парите не им стигаат од први до први.

Ова го истакнуваат во соопштение СДСМ и прашуваат: Дали Мицкоски чекаше две години да купи часовници од 65.000 евра?

Во реакцијата на СДСМ во продолжение уште се вели:

Последните податоци покажуваат дека минималните месечни трошоци на четиричлено семејство, во јануари 2026 година, изнесувале 66.413 денари. Тоа значи дека ниту 2 минимални плати не се доволни да се покријат основните потребни на просечно семејство. 

Сегашното ниво од 400 евра минималната плата не обезбедува доволно заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците на едно просечно домаќинство.

Работниците буквално се борат за парче леб и не може да чекаат до 2028 година.

Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа.

Мицкоски се фали дека сме 4 та економија во Европа, па зошто не сме на 4 то место по висината на платите? 

Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази. Во Албанија, од 1 јануари 2026 година, минималната плата ќе изнесува 500 евра. Владата на Србија со одлука ја зголеми минималната плата на 500 евра а во Црна Гора од 600 до 800 евра.

Последиците веќе се гледаат. 

Квалификувани работници од Македонија на големо заминуваат во странство, младите се иселуваат, а кај нас се увезуваат „економски работници“.

Освен ако целта на владата не е токму тоа, со носење на „економски работници“ да ја намали вредноста на трудот.

Зачлени се на нашиот е-билтен