Социјалдемократскиот сојуз на Македонија поднесе четврта по ред претставка до Здружението на новинарите на Македонија и Советот на честа при ЗНМ, поради повеќекратно прекршување на Кодексот на новинарите од страна на Бранко Героски.
Во оопштението од партијата наведуваат дека овој, четврти поднесок до ЗНМ е за колумната на Героски, објавена на 31.12.2025 година на порталот Плусинфо.мк со наслов „Скотови од кланот Дубаи, опасен сум и вооружен до заби – моите оружја се упорноста, знаењето и зборовите!“.
Во продолжение соопштението на СДСМ во целост:
Станува збор за текст кој не претставува ниту новинарски коментар, ниту критички став во јавен интерес, туку отворена злоупотреба на медиумот за лична и политичка пресметка, исполнета со навреди, деградирачки квалификации, заканувачка реторика и говор што симулира насилство.
Иако авторот формално тврди дека не се заканува, во текстот континуирано користи милитантна и насилна лексика, вклучително и формулации како:
• „опасен сум и вооружен до заби“,
• „ве чекам на нишан“,
• „орен за борба“,
• „зборовите кршат коски“.
Ваквиот дискурс, особено во политички и општествен контекст, не е метафоричка игра, туку свесна стратегија на заплашување, застрашување и демонстрација на моќ, што е спротивно на основната улога на новинарот во демократско општество.
Со тоа е прекршен член 10 од Кодексот, кој експлицитно забранува говор што поттикнува на насилство или го нормализира.
Дополнително, текстот содржи простачки навреди, понижувања и лични дискредитации насочени кон СДСМ, нејзиното раководство и членство, со што е флагрантно прекршен член 15 од Кодексот, кој налага негување на културата на јавниот говор и професионалната етика.
• „скотови“,
• „ступиден пријавувач“,
• „Лажна и ступидна“
• „неписмените од СДСМ“,
• „глупандерски соопштенија“, како и лични дискредитации и исмевање.
Наместо аргументирана јавна дебата, колумната е претворена во личен памфлет за дискредитација и исмевање, што претставува и прекршување на член 16 од Кодексот, кој забранува користење на медиумот за лични и политички пресметки. Притоа, намерно се мешаат факти и мислења, што е спротивно на основните стандарди на одговорно информирање.
Особено загрижувачки е делот во кој се врши јавен притисок врз институциите, со непримерно обраќање кон раководството на МВР и симулирање институционални постапки, со што дополнително се поткопува довербата во владеењето на правото.
Ова не е изолиран случај, туку континуитет на недолично и неетичко однесување.
Молкот или релативизирањето на ваквите појави значи нивна нормализација и директен удар врз јавниот дискурс и достоинството на новинарската професија за што СДСМ бара соодветна реакција од Советот на честа при ЗНМ.