Пред точно една недела, Македонија ја погоди најтешката трагедија во поновата историја. Изгубивме 59 млади животи. Во тие најтешки моменти, како партија одлучивме да молчиме и да не политизираме. Решивме да не додаваме сол на раната на семејствата на починатите. Тоа беше одговорно и човечки, истакна денеска во изјава за медиумите Мартин Костовски, организациски секретар на СДСМ.
„Оставивме седум дена органите на правосудството да покажат дека спроведуваат независна, темелна и пред сè неселективна истрага за овој стравотен настан. Од првиот ден СДСМ бара сите одговорни, поранешни и сегашни функционери, службеници и политичари, да одговараат согласно законот. СДСМ дава поддршка на независна, темелна и неселективна истрага и ги поддржуваме институциите во тоа. Ова гласно го бараат и граѓаните“, истакна Костовски.
Седум дена подоцна, беше порачано од СДСМ, должни сме да ги поставиме вистинските прашања кои се наметнуваат за кои за жал, нема одговор од надлежните институции, без да се политизира и печали поени на овој настан.
Од денес натаму, порача Костосвски СДСМ ќе поставува бројни прашања и ќе изнесуваме низа информации исклучиво засновани на факти и закони, затоа што постои стравување дека оваа истрага ќе биде селективна.
Оттаму и првите прашања што беа испорачани денеска:
Ниеден од командирите, инспекторите, и раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип, кои мора да знаеле што се случува, не се во притвор?
Дали и против кој од нив се води истрага? И ако не се води, како е возможно да не се истражуваат лица кои вечерта биле на одговорни позиции, со должност и овластување да реагираат – но не го сториле тоа?
Дали е точно дека сите седум вработени во МВР, кои се моментално во притвор, не биле на функции во денот на пожарот во дискотеката?
Од СДСМ потестуваат дека Законот за јавни собири јасно упатува на тоа за кои јавни собири е одговорна полицијата.
„Според информациите на овој настан имало 650 луѓе. Согласно законот, полицијата била должна да има оперативни сознанија за настанот и соодветно да го обезбеди овој настан дури и во случај ако тој не е пријавен од организаторот. МВР во Кочани тоа не го направиле. Ако МВР постапеле согласно законот, ќе имало обезбедено на Противпожарна бригада, Брза помош, соодветен број полициски службеници и сите пропратни безбедносни мерки за ваков тип настани, со што несреќата можела дури и да се превенира. Од снимките вечерта се гледа дека полицијата била присутна во објектот. Ова значи дека знаеле за настанот, но не го обезбедиле соодветно“, рече Костовски.
Оттаму, потенцираше Костовски, се поставува прашањето, дали сите надлежни од МВР таа вечер сториле кривично дело со несторување односно непостапување? Дали се изземени од одговорност службеници, началници и командири кои вечерта биле на должност? Доколку истрагата во продолжение не ги опфати и нив, СДСМ со својот правен тим ќе поднесе соодветни кривични пријави.
Од СДСМ велат дека ова е последен повик до институциите да го направат она што им е должност и да не тераат селективна правда.
„СДСМ ќе продолжи да ги објавува сите детали и да ги поставува сите правно издржани прашања, кои укажуваат на сериозни пропусти и кривични одговорности за лица за кои во моментов нема информации дека се дел од истражната постапка или се во притвор. Целта е една – правда и вистина“, нагласи Мартин Костовски, организациски секретар на СДСМ.