„СДСМ остро се спротивставува на скандалозниот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за полиција, кој денеска е во второ читање во Собранието, а е предложен од Панче Тошковски. Ги повикуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се освестат и да не гласаат. Затоа што и тие ќе бидат следни на удар на системот што сега слепо го поддржуваат“.
Ова денеска го соопшти на прес конференција во Собранието пратеникот на СДСМ Миле Талески, кој нагласи дека „како што никој не беше поштеден во времето на Груевски, така и сега Тошковски подготвува режим во кој секој што нема да слуша ќе биде уценет, притиснат, замолчен“.
Талески ги повикува Хелсиншкиот комитет, Канцеларијата на ЕУ, ОБСЕ, невладините организации, странските амбасади, сите демократски држави и целата демократска јавност итно да реагираат на овие опасни и режимски политики.
„СДСМ алармира: ова е безбедносна, демократска и институционална криза во најава! Овој предлог-закон не е ништо друго освен брутален обид за партизирање на полицијата и претворање на Министерството за внатрешни работи во партиска милиција под команда на Тошковски. Директен напад врз безбедносниот систем, врз институциите, врз граѓаните“, потенцираше Талески.
Тој предупреди дека со предложените законски измени „се руши професионалноста, се укинуваат критериумите за образование и искуство, се отвора вратата за вдомување на партиски војници“.
„Се урива системот на кариерно напредување, се бришат податоци, се амнестираат осудени и сомнителни кадри. Ова не е реформа, ова е реставрација на груевизмот преку Панче Тошковски. Класичен режимски план за создавање на параполициски апарат, алатка за притисок, закани и политички прогон“, оцени на прес конференцијата пратеникот на СДСМ.
За СДСМ со овие законски измени се спроведува план за враќање на времето на „МВРО“ и апсолутна партиска контрола, кога полицијата беше во функција на партијата, а не на граѓаните.
Талески предупреди дека Тошковски свесно ја уништува полицијата, во време кога државата се соочува со сериозни безбедносни предизвици.
„Укинувањето на регионалните гранични центри е директен ризик за границите. Бришењето на полициски податоци е обид за прикривање злоупотреби и криминал. Зголемувањето на старосната граница за вработување е механизам за вдомување партиски кадри. Полицијата мора да остане професионална, непартизирана и во служба на граѓаните“, истакна Талески и додаде дека овие птредложениу законски измени се удар врз демократијата, безбедноста и иднината на државата.