СДСМ објави нова фотографија за која тврди дека го прикажува С.З., познат како Симе, со премиерот Христијан Мицкоски во Брвеница. Портпаролката Богданка Кузеска побара обвинителството да испита зошто тој е на слобода.
„Еве го повторно со Мицкоски. Нова слика од вчера, додека Мицкоски дава изјава“, рече Кузеска на денешната прес-конференција.
Според Кузеска, Симе е осудено лице, претходно уапсено со дрога, оружје, муниција и пари. Таа обвини дека тој работи за ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница и им се заканува на граѓаните. Партијата потсети дека и претходно објавувала негови фотографии со Мицкоски и побара одговор кој одлучил тој да биде пуштен на слобода.
МВР на 28 јануари годинава соопшти дека во полициска акција во Брвеница биле уапсени пет лица, а при претресите биле пронајдени дрога и оружје.
