Од СДСМ реагираат на, како што велат, континуираните обиди за политички манипулации од страна на ВМРО-ДПМНЕ, со тврдење дека нивниот претседател, Венко Филипче, се поврзува со сценарија и личности со кои, според партијата, нема никаква врска.
„Со денови од ВМРО-ДПМНЕ се шират невистини и конструкции насочени кон Венко Филипче. Јавно и гласно повторуваме – тој нема никаква поврзаност со Крмзов, ниту со наводите што се пласираат во јавноста,“ велат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека ваквата кампања е одраз на „внатрешна несигурност“ и обид за дефокусирање на јавноста од, како што наведуваат, „сериозните прашања кои остануваат неодговорени од ВМРО-ДПМНЕ“.
СДСМ посочува дека фокусот треба да биде насочен кон случајот со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани и лицата кои се инволвирани во истрагата. Според партијата, Александар Нацев – сопственик на фирмата за обезбедување „Рубикон“, осомничен за случајот, е долгогодишен партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ и блискиот круг околу претседателот Христијан Мицкоски.
„Нацев бил дел од Комисијата за одбрана и безбедност на партијата и делегат на конгресот на кој Мицкоски беше избран за претседател,“ велат од СДСМ, наведувајќи дека двајцата имаат заедничка политичка и јавна историја.
Партијата смета дека, наместо обиди за дефокусирање, ВМРО-ДПМНЕ треба да даде одговори за блискоста со лицата кои се предмет на истрага.