СДСМ: Владината мерка за објавување цени на веб-страници е нефункционална и бесмислена

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја критикува владината мерка со која маркетите се задолжени да ги објавуваат цените на своите производи на веб-страници, оценувајќи ја како нефункционална и „целосно неупотреблива алатка“.

„Откако мерката на Владата, со која маркетите задолжително треба да ги објавуваат цените на своите веб-страници, наиде на голем потсмев кога беше најавена, сега истата се докажува и како целосно нефункционална“, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ велат дека процесот на споредување цени преку интернет е исклучително бавен и непродуктивен.

„На граѓаните им е потребен околу еден час само за да споредат еден производ во сите маркети. Доколку треба да направат споредба на сите производи што редовно ги купуваат, веројатно би требало да земат ден одмор од работа.“

Партијата потсетува дека уште при објавувањето на мерката реагирала со критики.

„СДСМ уште на почетокот алармираше дека оваа бесмислица ниту ќе помогне да се намалат цените, ниту некој реално ќе има корист од неа, но Владата не слушаше“, додаваат од опозициската партија.

Според нив, наместо суштински мерки, Владата избрала да се занимава со „козметика“.

„Наместо да ги прифати мерките на СДСМ, со кои реално ќе се намалеа цените на основните производи, Владата реши да им замачкува очи на граѓаните.“

СДСМ ја обвинува Владата и за штети врз граѓаните предизвикани од, како што велат, лошите економски политики.

„Резултатот, месеци подоцна, е целосно неупотреблива алатка, осудена на пропаст – и цени кои се вивнати во небо“, наведуваат од партијата и додаваат: „Десетици милиони евра е државниот грабеж што им е направен на граѓаните како резултат на лошите политики на Владата и работењето во интерес на трговците.“

Зачлени се на нашиот е-билтен