Опозициската СДСМ обвини дека, по една година од формирањето на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, надворешната политика е во „тотален дебакл“, а државата се наоѓа во влошена меѓународна позиција.
Во соопштението партијата тврди дека Македонија „нема ниту еден меѓународен успех“, оти се забележува „замрзнат европски пат“ и отсуство на нови инвестиции од САД, додека водечките партнери ја зголемиле царината за македонските производи за 33 %. Според СДСМ, дипломатската мрежа е „разурната и партизирана“, а земјата „без компас и без глас“ на меѓународната сцена.
На удар е и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кого опозицијата го обвинува дека донел „срам и понижување“ наместо ветена европска иднина. СДСМ предупредува на „заканата за бришење на македонскиот јазик“ од нацрт-извештајот на Европскиот парламент, што го оценува како „најголем срам во поновата историја“.
Како контраст, партијата потсетува дека во претходниот мандат обезбедила вклучување на македонскиот јазик во преговарачката рамка со ЕУ и потпишување договор со ФРОНТЕКС „на чист македонски јазик, без фусноти и додавки“, што го нарекува „победа на мудрата дипломатија“.
СДСМ најавува дека ќе продолжи да се бори „за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси и достоинствена европска иднина, со заштитен јазик и идентитет“.
Од Владата и од министерот Муцунски досега нема реакција на обвинувањата.