СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ создаде хаос во културата – на ред е распродажба на наследството

Една година помина откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста за културната политика во државата. Ветуваа враќање на националната култура, поттикнување на современа продукција, грижа за уметниците, реформи и достоинство. Но реалноста е сосема спротивна од нивните ветувања.

Културните институции останаа без визија, без поддршка и без дијалог. Додека се прават дека се грижат за културното наследство, зад сцената подготвуваат приватизација на културното богатство. Наместо заштита, се промовираат модели за комерцијализација и префрлање на споменици, згради и музејски збирки во „јавно-приватни партнерства“.

Фолклорот, јазикот и книжевноста се сведени на сценографија за патриотски декор. Уметниците добија игноранција и политизација, а не почит. Наместо реформи, добивме застој; наместо поддршка, селективност; наместо транспарентни конкурси – сомнителни одлуки и партиска кадровска матрица.

Музеите се затворени или игнорирани, театарите се со скратени буџети и страв за слобода на изразување, а креативната младина е оставена сама да бара начини за опстанок.

Во првата година од владеењето, ВМРО-ДПМНЕ ја претвори културата во егзотичен туристички водич за партиски избраници. Со додавањето на зборот „туризам“ во името на Министерството за култура, не се отворија нови хоризонти за уметниците, туку авионски билети за функционери. Од Венеција до Осака, културната дипломатија се сведе на службени патувања, селфиња и дневници. Домашната култура остана без програма, без поддршка и без глас.

Ниту една суштинска реформа не е започната. Нема нови модели за финансирање, нема дигитализација, нема поддршка за слободните уметници. Приватниот сектор е на маргините, а културната инклузија останува само фраза на хартија.

Кога ВМРО-ДПМНЕ зборува за „идентитет“, тоа е само политички трофеј. Кога зборува за „враќање на вредностите“, мисли на стиропорната естетика. Граѓаните добија обновен политички притисок врз културниот сектор, наместо обнова.

Линијата на демаркација меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е јасна: СДСМ културата ја гледа како жив организам, каде државата е гарант и промотор на плуралноста, а не архитект на една унапред подготвена „национална“ приказна. Институциите работеа континуирано, колективните договори беа почитувани, а платите навреме обезбедени. Културниот работник беше слободен творец, а не сведуван на молк и сиромаштија.

СДСМ ќе продолжи гласно да ги штити интересите на уметниците, институциите и креативците. Културата не е само национален симбол – таа е жив организам кој бара вистинска грижа, визија и слобода.

Зачлени се на нашиот е-билтен