СДСМ: ВМРО ги поддржува и САД, ама нивната интервенција во Венецуела е спротивна на меѓународното право

СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија посочува дека најблиските политички сојузници и пријатели на премиерот Христијан Мицкоски во Европа биле токму оние што отворено го поддржувале венецуелскиот лидер Николас Мадуро, против кого Соединетите Американски Држави презедоа конкретни дејствија поврзани со, како што наведуваат, криминални активности.

Од СДСМ укажуваат дека Мицкоски испраќа спротивставени пораки за американската интервенција во Венецуела. Од една страна изјавува оти Владата ја поддржува акцијата на САД, а од друга страна тврди дека таа била спротивна на меѓународното право.

За СДСМ ваквите изјави покажуваат дека премиерот истовремено ја поддржува и ја негира акцијата, што е јасен пример за недоследност во надворешната политика.

СДСМ наведува дека пред интервенцијата на САД, единствените европски политички лидери и држави кои отворено граделе односи и соработка со Мадуро биле унгарскиот премиер Виктор Орбан и српскиот претседател Александар Вучиќ, кои се најблиски сојузници на Мицкоски. Во соопштението се потсетува дека Вучиќ пред неколку месеци јавно најавувал продлабочување на соработката со Мадуро, додека Орбан, според СДСМ, со години бил еден од неговите најгласни поддржувачи во Европа.

Најголемата опозициска партија ја истакнува поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со српската владејачка партија СНС и наведува дека освен сличните политики и, како што тврдат, „копи-пејст“ сценарија, биле откриени и конкретни бизнис-релации преку случајот со Алта банка. Дополнително, СДСМ потсетува дека Мицкоски во неодамнешно интервју јавно зборувал за својот „близок пријател“ Орбан, политичар кого Европска Унија го критикува и го поврзува со сериозни обвинувања за корупција.

„Заедничко за сите овие десничарски политичари е тоа што околу нив постојано се отвораат тешки теми за криминал, корупција и подривање на демократските институции“, наведуваат од СДСМ.

СДСМ потсетува дека САД е усвоија Законот за Западен Балкан, потпишан од Доналд Трамп, со јасен фокус на борбата против криминалот и корупцијата во регионот.

СДСМ прашува дали премиерот „спие мирно“, алудирајќи на можните последици од поврзаноста со најблиските политички пријатели на Мицкоски.

Зачлени се на нашиот е-билтен