Се чини као гласачите на ВМРО-ДПМНЕ да имале проблем со Орце Георгиевски, Орце победи, ама Левица малку повеќе, е заклучокот од анализата на Демијан Хаџи-Ангелковски, експерт за вкрстување и анализа на бази на податоци по првичната изборна анализа на 99,75% обработени за Град Скопје.
Хаџи-Ангелковски оценува деја Мицкоски има многу причини за славје, ама резултатите за Град Скопје ќе му остават кнедла во грлото и силна горчина.
Изборните резултати покажуваат дека Левица има многу повеќе за славје, но од нивните потези во периодот што следи ќе биде одлучувачки за дали ќе се етаблираат во вистинска втора партија во македонскиот блок.
Еве што велат бројките од оваа анализа:
1. ВМРО со пад во скоро сите скопски општини
Раст има само во Карпош, Сарај, Чаир, Шуто Оризари и многу малку во Центар. Меѓутоа ако се анализра колку многу гласови освои коалициониот партнер ВЛЕН во Сарај, Чаир и Шуто Оризари, се гледа дека пазарот за гласачи не поминал добро. Дали биле изневерени или цената била превисока, кој знае?
2. Навидум личи како гласачите на ВМРО да имале проблем со Орце.
Кандидатот за градоначалник на Аеродром има ~1.500 повеќе гласови од Орце во оваа општина. Во Карпош се идентични бројките. Во другите општини каде ВМРО победи во првиот круг, повторно намалување.
3. СДСМ во скоро полн капацитет (што и да значи тоа по ново) излезе да гласа за Амар. Велам скоро, бидејќи во Центар, кандидатот на СДСМ има победа со 11.000 гласови, додека пак Левица има „само“ 9.800.
4. ДУИ се чини не успеа да го препознае моментот за политички дестабилизирања на извршната власт доколку гласа за Амар.
5. Левица не личи како да добила премногу нови гласачи, меѓутоа кај овие „верните“ на големото дуо, се чини дека го скрши мразот за прв пат да заокружат за Левица.

Каде од тука?
ВМРО на еден или на друг начин покажа дека се уште не ги заборавиле старите добри трикови за изборен инженеринг, ама не гледам начин како би се повторило времето на Груевски.
Мицкоски за многу кратко време го видовме со соголени гаќи, меѓутоа барем успеа да го устоличи ВМРО во третиот најголем буџетар во Македонија. Ама не благодарение на Орце. Со овие избори, Мицкоски си го „реши“ или барем одложи внатрешниот проблем на убедлива и историска победа да го натера Орце да цели многу повисоко од фотељата во Парк… можеби до онаа на Илинденска без број?
Арно ама, Мицкоски сега си отвори троен фронт:
1. Разнишана владина коалиција и недоверба меѓу партнерите во владата;
2. Слаба победа и историски низок резултат, без чист мандат во Град Скопје;
3. Реорганизација и разгорување на опозицијата како во Македонскиот, така и во Албанскиот блок.
Левица треба да си го чуваат грбот од брзите сончогледи. До сега важеа за релативно затворена партија, меѓутоа сега ќе мора да се отворат значително за старо-нови ликови, ако сакаат да го капитализираат овој раст на следните парламентарни избори. Клучниот проблем ќе биде мотивирање на излезноста… 35% излезност во главниот град е тотална катастрофа за македонска демократија и јасна порака до сите партии. Порака што УПОРНО никој не сака да ја чуе.
Клучниот ПР проблем на Левица е решен. Левица и Апасиев беа, со цело право, поистоветувани како едното-те-исто. Апасиев таа штета си ја направи стратешки според мене, бидејќи додека СДСМ беше на власт, гласачите на ВМРО беа единствените од кои можеше да се презема. Затоа и беа ставовите на Апасиев толку остри спрема промената на името, францускиот предлог, националистичките изјави… Од денеска Левица има нов лик, што и личи на левичарска идеолошки поткована партија.
Чекај, а каде е СДСМ? Толку брзо го заборавивме?
СДСМ секогаш имала проблем со радикални казнувања од своите. Во ВМРО се препукуваат внатрешно, во СДСМ тоа е секогаш јавно и болно.
СДСМ ќе се обиде тивко да подаде рака до Левица за некаков вид на опозициски фронт, со цел да се менаџира одливот на гласачи, што ќе биде експресно одбиен од Левица.
Реално, СДСМ немаше баш премногу избор дали да ги даде гласовите на Левица, ама ова е меч со две острици. Дали има задкулисни договори? Не знам.
Гласачите на СДСМ беа подложени на повеќе годишна пропаганда против Левица, ама кога еднаш ќе се пушти раката да заокружи, кој знае што ќе се случи утре ден.
Кој е победникот?
1. ВЛЕН – поставија доминантна нога во нивната врска од корист со ВМРО.
2. Левица – ја освежија македонската политичка сцена со нов лик, кој покажа млада идеолошка сила за прибирање нови гласови.
Кој е губитникот?
Македонскиот народ – клиентелистичкиот пристап кон изборите се чини дека не може да се прекине, демократскиот капацитет останува слаб. Орце е избран со 20% од гласачите од Скопје. Значи секој петти скопјанец дал поддршка за таткото на градот.
П.С: Се надевам дека успехот на Амар ќе охрабри барем пар луѓе да сакаат да влезат во политика, страшно е, ама па некој мора.
Извори: Архангел изборна аналитика

