Бројот на поплаки од граѓани и компании за снабдувањето со електрична енергија значително се зголемил во текот на 2024 година, покажува најновиот извештај на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Во споредба со 2023 година, приговорите се зголемени за речиси 50 отсто, што укажува на зголемено незадоволство меѓу потрошувачите.
Минатата година, РКЕ регистрирала 611 приговори, од кои најголем дел – 468 – доаѓаат од домаќинствата. Остатокот се поделени меѓу образовни институции и други видови потрошувачи. Граѓаните најчесто се жалеле на недоставени фактури, високи суми на сметки, несогласувања со начинот на пресметка, како и на камати, тужби, промени на потрошувач или услови за плаќање. Значителен дел од поплаките се однесуваат и на двојно наплатени фактури или барања за спогодбено решавање на обврски.
Дополнително, речиси 20 отсто од забелешките се однесуваат на проблеми со грејната енергија, најчесто на пониски температури во домовите од пропишаните стандарди.
Иако поплаките од домаќинствата во 2024 година се нешто помалку во однос на 2023 (за околу 5 отсто), граѓаните продолжиле активно да реагираат на прашања поврзани со комерцијалните услови – како што се непрозрачни договори, недостаток на информации, потешкотии при откажување или промена на условите.
Според РКЕ, 10,63% од вкупниот број потрошувачи биле исклучени од електричната мрежа поради долгови – што претставува раст од 2,64% во однос на периодот од 2022 година. Само во 2024 година, 98.272 корисници се соочиле со исклучување, во споредба со 71.839 во 2022 година.
Во однос на казнената политика, Регулаторната комисија во 2024 година не поднела ниту едно ново барање за прекршочна постапка, а во тек останала само една постапка од претходните години.
За тековната 2025 година, РКЕ најавува 11 инспекциски надзори кај носителите на лиценци – од кои најголем дел ќе се однесуваат на снабдување со електрична енергија, но ќе бидат опфатени и нафтени деривати, природен гас и топлинска енергија.