Ако имате два потписи, ќе можете да поднесете листа за советници на претстојните локални избори. Ова произлегува од новиот правилник на Државната изборна комисија (ДИК), донесен по тоа што Собранието во саботата не успеа да изгласа измена на Изборниот законик со која независните кандидати ќе мораа да собираат потписи од 0,95% од запишаните избирачи.
Одлуката отвора можност за многу подолги гласачки ливчиња и евентуални злоупотреби со збунувачки имиња – кога на листите има имиња на кандидат слични на официјалните кандидати посебно од страна на тогашната опозиција, па често граѓаните во невнимание ги заокружуваа токму овие кандидати.
„Иако од формално-правен и процедурален аспект имам поинакво мислење, јас и колегата Оливер Ристовски ќе гласаме за, затоа што е во интерес на изборниот процес,“ изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко. Предлогот помина со 6 гласа за и 1 против.
Членот Ангелчо Ристов појасни дека „факт е дека нема утврден квантум колку потписи треба да се соберат“, па ДИК презема дејства да ја верификува сериозноста и да изврши идентификација на субјектите што поднесуваат листи на група избирачи, како и евиденција при поднесувањето.
Против беше Дитмире Шеху, која оцени дека ваквата промена „во последен момент“ е неправедна и противзаконска: „До сега важеше дека не треба да се собираат потписи. Ден пред почетокот велиме — треба. Ист закон, без измена. Ова не е коректно.“
Зошто оваа одлука?
– Собранието не ја изгласа предложената законска промена (0,95% потписи), па остана правен вакуум за потписите на група избирачи.
– ДИК со правилник утврди минимум од два потписи (де факто група од двајца избирачи) за да не запре постапката и да се овозможи непречено пријавување.
Што прават независните?
Дел од независните иницијативи не се откажуваат од првичните планови: „Шанса за Центар“ најави дека ќе продолжи да собира 1.000 потписи за основање политичка партија и за платформата „Независни заедно“. „Овој правилник важи само за овие избори. Не сакаме повеќе неизвесност ‘пет до дванаесет’“, велат од иницијативата.