Се знаело кој јадел, кој пиел, кој наплатувал, само не се знае кој работел: Ревизорите за Министерството за односи меѓу заедниците

ревизорите

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот најнов извештај за 2024 година не можеше да срочи понеповолно мислење за финансиските извештаи на Министерството за односи меѓу заедниците, констатирајќи низа системски слабости, пропусти и потенцијални злоупотреби на јавни средства.

И не им било тешко на ревизорите затоа што според наодите, Министерството нема реална и објективна евиденција за користењето на институционалните ресурси и не ги исполнува законските и административните стандарди за транспарентно управување со јавни пари.

Земени плати без присуство на работа

Можеби најспорниот дел од извештајот е поврзан со исплатата на плати на лице кои не се појавиле да работат — за дури 61% од вработените (150 од вкупно 244 лица) ангажирани преку Потпрограмата К5 – Соодветна и правична застапеност, ревизорите не нашле никакви докази дека навистина биле на своите работни места, иако им биле редовно исплатени примањата.

Додека ревизорите предупредуваат на „слабости во системот и непрописни практики“, објавените податоци наведуваат и сомнежи за точење гориво во приватни возила за сметка на Министерството, што дополнително ги подгрева јавните реакции.

Ревизорите утврдија исчезнување од околу 30 службени лаптопи, за кои нема записи кому и на кој начин им биле дадени, како и недоволно наведена евиденција за седум службени автомобили, што укажува на големи слабости во сметководствената контрола.

Покрај тоа, ревизорите забележале и недоволна документација при финансирање на невладини организации, како и други слабости во јавните набавки и финансиското управување, што укажува на слабости во механизмите на контрола и отчетност.

Што следува понатаму?

Во соопштението на ДЗР се истакнува дека ваквите неправилности бараат дополнителни проверки и потенцијално повлекување на правни последици, вклучително и упатување случаи до надлежните истражни органи.

Извештајот на ДЗР, покрај тоа што детектира низа недостатоци во практиките на Министерството, исто така укажува на потреба од засилени контроли, функционална внатрешна ревизија и вградување на поефикасни механизми за транспарентност и отчетност. Тоа вклучува и можност за упатување на случаи до Јавното обвинителство за понатамошни постапки, како што тоа најавиле сами ревизорите.

Зачлени се на нашиот е-билтен