Во молк, без транспаренти и со фотографии од починатите деца, родителите и семејствата на починатите во пожарот во клубот „Пулс“ денеска во Кочани го оддржаа седми „Марш за ангелите“.
Учесниците на маршот ја поминаа вообичаената маршрута од Паркот на Револуцијата, низ Трговскиот центар, кратко запреа кај зградата на Општина Кочани и Полициската станица, а потоа стигнаа пред Основниот суд и Обвинителството.
Единствената јавна порака, испишана на хартија што се појави во средината на поворката беше „Системот убива – ние молчиме“, што го карактеризираше и денешниот протестен марш.

-Нашиот молк е гласот на оние што трагично заминаа во огнот. Молк што зборува повеќе од илјада зборови, ама нема да трае вечно како вашето судење, беше гласната порака што ја упатија родителите пред Судот во Кочани.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе одат во Обвинителството за да изложат свои забелешки и докази, родителите рекоа дека истражните органи сами треба да го прибираат доказниот материјал и досега не биле повикани, но ако некој им се јави подготвени се да дадат искази.
На протестниот марш имаше забелешка од дел од семејствата за присуството на претставници од политички партии, при што нагласија дека не сакаат никаква политичка позадина на нивните собири на кои само бараат неселективна правда за своите починати чеда.