Во Собранието за денеска е закажана седница на комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР). На дневен ред е Предлогот за заклучок за вршење на надзор над работата на АНБ.
Со Комисијата треба да претседава претседателот на Комисијата Скендер Реџепи, според договорот што го постигнале членовите на Комисијата, а за тоа го информирале и претседателот на Собранието Африм Гаши.
– Самите дојдоа до договор и јас го почитувам тоа, изјави вчера претседателот на Собранието на брифинг со новинарите.
По седницата, оние членови на Комисијата кои имаат безбедносни сертификати, ќе одат во надзорна посета на АНБ.
Седницата на Комисијата беше свикана на предлог на пратеникот Љупчо Пренџов откако во јавноста излезе информација дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски, тогашен опозициски лидер, новинари и бизнисмени.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски во изјава за медиумите рече дека целата документација е испратена во Обвинителството, а премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега изјавуваше дека очекува Обвинителството да постапи.
Од опозицијата бараат декласификација на документацијата, а на прес-конференции, како што најавија, ќе ја објавуваат вистината за случајот АНБ.