Секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија, додека само едно од три деца постигнува минимално ниво на знаење во математика, читање и наука. Дополнително, 73% од децата се изложени на физичко или емоционално насилство во домот. Ова се некои од клучните податоци од најновата Ситуациона анализа за децата и адолесцентите во земјата, изработена од УНИЦЕФ.
Овие негативни фактори имаат долгорочни последици на развојот и благосостојбата на младите во земјата, што бара итни и посветени напори од страна на сите институции.
Македонија се соочува со значително намалување на детската популација, која во периодот од 2011 до 2023 година опаднала за 18%, достигнувајќи број од 368.731 дете. Фертилитетот останува под нивото на замената, со стапка од 1,5 раѓања по жена во 2023 година. Урбанизацијата продолжува да напредува, па 61% од новородените се во урбаните средини, додека земјата бележи нето-миграција од -1.000 луѓе годишно.
Јавната потрошувачка за децата е нерамномерно распределена. Иако издвојувањата за образование се на ниво слично на европскиот просек, финансирањето на здравството е пониско, а социјалната заштита најслабо финансирана. Според анализите за ефикасноста на трошењето, потребни се подобрувања во насока на поголема транспарентност и поголеми инвестиции за поддршка на децата.
Сиромаштијата продолжува да биде една од најголемите закани за децата. Вклучително, 32% од децата живеат под националната линија на сиромаштија, што е значително повеќе од 22% кај возрасните. Најпогодени се домаќинствата со самохрани родители (50%), семејствата со тројца или повеќе деца (53%) и ромските семејства, каде што 79% од децата живеат во сиромаштија.
Покрај тоа, само 23% од децата и домаќинствата добиваат детски и семејни парични надоместоци, што е значително пониско во споредба со просекот во ЕУ, каде што 88,4% од децата имаат пристап до вакви финансиски бенефиции.
о 2022 година, стапката на сиромаштија во Македонија изнесувала 22,9%, според дефинитивните податоци за Лаекенските индикатори за сиромаштијата, пресметани од Државниот завод за статистика (ДЗС) врз основа на Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува според препораките на Европската Унија.
Прагот на сиромаштија се дефинира како 60% од медијалниот еквивалентен приход, а за домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2022 година, стапката на сиромаштија била највисока, односно 27,2%.
Загрижувачки е фактот што и покрај тоа што биле вработени, стапката на сиромашни вработени лица изнесувала 8,9%, додека за пензионерите оваа стапка била 9,9%. Коефициентот на Џини, кој ја мера нееднаквоста во распределбата на приходите, бил 29,8%, според истражувањето на ДЗС.
Во однос на прагот на сиромаштија, пред три години, за самечко домаќинство тој бил со годишен еквивалентен приход од речиси 130 илјади денари, додека четиричлено домаќинство со двајца возрасни и две деца под 14 години било третирано како сиромашно ако имало годишен приход од над 272 илјади денари. Пред добивањето на социјална помош или пензија, 41,6% од населението било сиромашно, според податоците од ДЗС.
Во однос на родовата распределба, жените (22,6%) биле посиромашни од мажите (23,1%). Најзагрозени од сиромаштија биле децата од 0 до 17 години, кои не остварувале никакви приходи, како и самохраните родители со издржувани деца, каде што стапката на сиромаштија изнесувала 51,8%.
Стапката на сиромаштија со вклучени пензии била највисока, достигнувајќи дури 26,5% од населението, според анализата на ДЗС за 2022 година.