Секое трето дете во ризик од сиромаштија, од Владата се бара итна стратегија

Речиси 22 отсто од граѓаните во Македонија живеат под прагот на сиромаштија, а 29,5 отсто од децата се изложени на ризик од сиромаштија. Македонската платформа против сиромаштијата побара од Владата итно донесување национална стратегија и конкретни мерки за подобрување на животниот стандард, предупредувајќи дека земјата од 2020 година нема стратешки документ за справување со овој проблем.

Во отворено писмо до Владата, објавено по повод 17 Октомври, Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, организацијата предупредува дека сиромаштијата во Македонија останува долгорочен и системски проблем, додека постојните мерки за социјална заштита не обезбедуваат доволна поддршка за најранливите категории граѓани.

Според податоците што ги наведува Платформата, 38 отсто од децата се соочуваат со повеќедимензионална сиромаштија, односно со недостатоци во условите за живот што влијаат врз нивното здравје, образование, безбедност и развој. Истовремено, само 19 отсто од домаќинствата со деца добиваат детски и семејни додатоци, наспроти 88 отсто во Европската Унија.

Најпогодени се многудетните семејства, самохраните родители и ромските семејства.

Дополнителен проблем претставува ограничениот пристап до услуги за грижа за деца и стари лица. Само 45,5 отсто од децата на возраст од три до шест години посетуваат градинка, додека кај ромските деца тој процент изнесува 17 отсто. За споредба, во Европската Унија опфатот достигнува 95 отсто.

Недостигот од вакви услуги особено ги погодува жените, кои извршуваат 72,5 отсто од неплатената домашна работа и грижата за децата и постарите лица. Според Платформата, ваквата состојба ја ограничува нивната економска независност и придонесува повеќе од половина од жените во земјата да бидат неактивни на пазарот на труд.

Од Македонската платформа против сиромаштијата оценуваат дека отсуството на национална стратегија од 2020 година и префрлањето на одговорноста меѓу централната и локалната власт создаваат сериозни институционални недостатоци во справувањето со проблемот.

„Во време на тешки социо-економски предизвици, несериозно е државата да имплементира парцијални мерки кои не го решаваат проблемот и да промовира социјална помош која го гази човековото достоинство“, се наведува во писмото.

Организацијата бара итно донесување сеопфатна Национална стратегија против сиромаштијата, со јасно дефинирани мерки, буџет и механизми за следење на резултатите. Стратегијата, според нив, треба да обезбеди поддршка во различните животни периоди, од детството и образованието до вработувањето и пензионирањето.

Меѓу приоритетните барања се воведување универзален детски додаток, спроведување на Европската гаранција за децата и проширување на социјалните услуги за ранливите категории граѓани.

Платформата бара и домувањето да стане составен дел од социјалните политики, со мерки за спречување на бездомништвото, обезбедување достапни станови за младите и заштита на граѓаните од превисоките цени и незаконските практики на пазарот на недвижности.

Дополнително се бараат поголеми вложувања во градинките, услугите за деца со попреченост и грижата за стари лица, како и засилена заштита на работничките права за намалување на сиромаштијата меѓу вработените.

Во здравството се предлагаат мерки за намалување на трошоците што граѓаните ги плаќаат од сопствен џеб, додека за постарите лица се бараат соодветни пензии, подобар пристап до услуги за нега и политики за активно стареење.

Од Платформата нагласуваат дека новата стратегија не смее да остане само формален документ без финансиска поддршка и конкретна примена. Бараат таа да се подготви низ транспарентен процес, со учество на граѓанските организации и лицата кои имаат непосредно искуство со сиромаштијата.

„Намалувањето на сиромаштијата е политичка одлука и директно зависи од креирање и имплементирање на соодветни, сеопфатни и достоинствени политики“, порачуваат од организацијата.

Македонската платформа против сиромаштијата, која обединува повеќе од 50 граѓански организации, повикува на отворање широк дијалог со институциите и усогласување на националните политики со европските цели за искоренување на сиромаштијата до 2050 година.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?