Само во општина Будва, еден од главните туристички центри на Црна Гора, недостигаат повеќе од 8.000 сезонски работници. Иако надлежното министерство воведува нова категорија – „постојан сезонски работник“, угостителите не сметаат дека ова е вистинско решение.
Сè помалку Црногорци се заинтересирани за сезонска работа во сопствената земја, објави „Блиц“.
„Локалното население веќе не сака да ги работи наједноставните работи. Сега почнуваме да се соочуваме со недостиг и на среден менаџмент, како и на високообразуван кадар кој или заминал во странство или ја сменил професијата. Водењето туристички бизнис во Црна Гора станува сè потешко“, вели Жарко Радуловиќ од „Montenegro Stars Hotels Group“.
Министерството за економија ја гледа новата категорија „постојан сезонски работник“, која треба да стапи во сила пред летната сезона, како клучен чекор за справување со недостатокот на кадар.
„Очекуваме наскоро да биде финализиран Предлог-законот за сезонски вработувања и да влезе во јавна расправа. По процедурата во социјалниот совет, ќе имаме решение кое ќе биде во интерес на сите засегнати страни – работниците, угостителите и економијата“, изјави Наида Нишиќ од ресорното министерство.
Сепак, се поставува прашањето дали ова ќе биде доволно, бидејќи угостителите во Будва веќе сметаат дека единствен излез е увоз на работна сила.
„Верувам дека ќе мора да се потпреме на странски работници и дека ќе ни служат келнери кои зборуваат англиски. Само така можеме да го одржиме туристичкиот сектор“, вели Лука Вукчевиќ од Угостителското здружение на Будва.
Ако не се најде подобро решение, црногорскиот туризам ќе зависи од работници од Турција, Индија и Филипините, бидејќи сезонците од регионот сè повеќе ја избираат Хрватска како попривлечно место за работа.