Сестрата на убиецот од Прилеп и нејзината снаа со часови стоеле пред куќата и викале да ги пушти внатре

Прилепчанецот Панчо Чупаркоски и неговиот 11-годишен син се жртвите на грозоморното убиство што се случи вчера во центарот на градот, низ сокачињата во маалото познато кај прилепчани како „Орта џамија“. Убиецот кој ги застрела внукот од неговата сестра во Прилеп е познат како Пеце Белото, а вчера му било именден.

Во куќата во која живеел сам со едно куче, утрово полицијата беше веќе замината. Куќата е стара, вратата на терасата на горниот кат беше отворена, а прозорците на долниот дел искршени.

„Овде беше Тексас“, велат вознемирените, потресени комшии.

Мајката и баба на убиените, заедно со нејзината снаа, уште од 15 часот вчера дошле пред куќата на братот и викале тој да ги пушти да влезат внатре.

Првиот сосед на убиецот за „Слободен печат“ вели дека го видел како излегува од дома во 7:30 часот кога во саботата одел на пазар. Она што се зборува меѓу соседите неофицијално е дека тој најверојатно се сретнал со внукот и детето на пазарот, па ги викнал кај него за именденот – Петровден.

„Тој му ги има земено телефоните, му ги има исклучено и на „Фејсбук“ напишал. Тука дојде и сестра му и снаата, викаа, а тој не отвораше. Рекоа: А, бе, може во кафана се“, вели соседот за „Слободен печат“.

На социјалните мрежи се шири порака што убиецот ја објавил околу 18 часот вчера попладнето.

„Мојата сестра Љуба Чупаркоска и нејзиниот син… Ми украде и одзеде скоро Сее, останатото им го дадов Сам, но… Не играјте си со оние кои што немаат што да изгубат!“, напиша тој во морничавата порака.

Според она што се зборува тука, драмата почнала уште околу три часот попладнето, а полицијата дошла дури вечерта по 21 часот, кога според МВР, сопругата на убиениот Панчо официјално го пријавила случајот.

Телефоните на Чупаркоски и на детето им биле исклучени цело време, па сестрата на убиецот и снаата затоа дошле во куќата. Тој наводно ги убил уште попладнето и не се јавувал.

„Тој ја продаваше куќата, ќе дојдеа муштерии, ќе му кажев. Ми викаше: „Што има тебе да ти се јавуваат, мене нека ме бараат“. После викаше: „Не ја продавам, на внук ми ќе му ја дадам“. Имаше стан во Охрид“, вели соседот.

Со сестра му, вели тој, убиецот тешко дека комуницирал, а соседот одамна знаел дека има оружје, кое наводно било од татко му.

„Додека беа тука мајка му и татко му, идеше сестра му, ама после не. Тој и мајка му и татко му ги тепаше: „Море, имам пиштол ќе те отепам!“. После се слушна и дека барал од полиција пушка, ама не му дадоа“, раскажува соседот, кој вели дека злосторникот Пеце постојано му правел проблеми, му велел дека куќата му била заштитена, дека делот меѓу куќите бил негов, па го обвинувал дека му паднал малтерот од поправките на соседот. „Се му измалтерисав само да нема проблеми“, додава тој.

Децата сега му викале дека требало да го пријави во полиција, но соседот им велел „штом внукот го уби, ако го пријавев ќе дојдевте од Германија и ќе ве убиеше вас“.

Во Прилеп е траорно, сите зборуваат за убиството, а куќите на убиените се зацрнуваат.

Според официјалните информации од МВР, случајот е пријавен во полиција вчера во 21:20, а го пријавила сопругата на убиениот. Кога дошле полицајците, тој најпрвин фрлил бомба кон нив, која не експлодирала, а потоа почнал да пука, на што полицијата одговорила со оган. По неколку часови, пред да биде совладан, убиецот Мајоски си го одзел животот, а полицијата во куќата ги пронашла трите тела.

Зачлени се на нашиот е-билтен