Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Северна Македонија со најскапа струја за домаќинствата во регионот

Соња ТАНЕСКА

Според последните објавени податоци од Евростат за минатата година, Северна Македонија има најскапа електрична енергија за домаќинствата во регионот, со просечна цена од 6,08 денари за киловат-час. Веднаш по неа се Албанија и Црна Гора со цена од над 5,5 денари, додека најниска цена има Косово – 4,05 денари/kWh, што е речиси 34% поевтино од кај нас.

За споредба, и граѓаните на Унгарија, која е членка на ЕУ, плаќаат пониска просечна цена од македонските домаќинства – 5,29 денари/kWh.

ДржаваЦена во €/kWhЦена во МКД/kWh
Северна Македонија€0,09896,08 МКД
Албанија€0,09295,72 МКД
Косово€0,06594,05 МКД
Србија€0,07834,81 МКД
Црна Гора€0,08945,49 МКД
Босна и Херцеговина€0,07244,45 МКД
Унгарија€0,08615,29 МКД

И покрај тоа што сме лидери по високи цени, струјата од јануари поскапе во просек за 0,92%. Граѓаните веќе реагираат на зголемените сметки – некои добиле 12.000 денари, други 8.500 денари за греење на стан од 40 м², а во некои случаи сметките од 7.000 денари скокнале на 16.000 денари.

Зголемување по блокови:

  • Прв блок: +0,68%
  • Втор блок: +0,9%
  • Трет блок: +1,93%
  • Четврт блок: +2,24%
  • Евтина тарифа: +0,9%

Граѓаните револтирани, Владата молчи

Владата засега не коментира околу високите цени на струјата, но наместо тоа, фокусот го префрли на синдикалната кошничка, каде што најголем проблем, според нив, стана нескафето, кое го сметаат за „луксуз“.

Во моментов, преку ЕВН Хоме се снабдуваат околу 823.900 домаќинства и 70.452 мали потрошувачи. Некои од нив ги добија сметките со повеќе денови во јануари, кога поскапувањето веќе беше на сила.

Во јануари, компанијата добила 1.385 барања за корекција на фактури, а во декември 2024 – 898 барања. Сепак, граѓаните прво мора да ја платат сметката, а дури потоа можат да очекуваат евентуална рефундација.

Посебно загрижувачка ставка во сметките за струја е сумата за пренос и дистрибуција на електрична енергија, која често е речиси идентична со сумата за потрошена струја. Државната компанија МЕПСО досега не даде одговор за што точно се користат овие средства.

Во последните три месеци, ЕСМ потроши речиси 48 милиони евра за набавка на струја, бидејќи домашните капацитети или се во ремонт или работат со прекини. Додека Европа се подготвува за нова енергетска криза, македонската Влада сè уште не објавила стратегија за тоа колку ова ќе ги чини граѓаните во иднина.

Зачлени се на нашиот е-билтен