Порака со охрабрување за усвојување на потребните уставни измени за продолжување на европскиот пат на земјава упатија министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и на Словачка, Александар Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин Бујар Османи.
Шалемберг уверува дека штом ќе почнат преговорите, тоа е неповратен процес. Земјата чекаше 18 години да дојде до овој момент. Сега вам ви останува да го искористите овој момент, истакна шефот на австриската дипломатија.
– Политички треба да се биде одговорен и пред се да се имаат предвид националните интереси. Моментот е сега и ве уверуваме дека не се мешаме во внатрешните работи на земјата. Нашата порака е едноставна и силна – тоа е порака на охрабрување, нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија. Би било штета Скопје, откако истрча еден тежок маратон да се сопне на следната пречка. Долг пат изминавме заедно и надминавме многу тешкотиии, рече Шаленберг.
Тој подвлече дека оваа тројка министри се најверни поддржувачи на Северна Македонија и Балканот, и нивното присуство е само по себе порака, а туку се да ја пренесат и јасната порака од високиот претставник за заедничка надворешна политика Жозеп Борел.
– Решението може да дојде само од Северна Македонија. Решението нема да дојде од Брисел, од Виена, од Прага или Братислава, а ве уверувам нема да дојде ни од Софија. Вам ви останува дали ќе одите напред, рече Шалемберг.
Потсетувајќи на актуелната геостратешка состојба, додаде дека сега е време кога треба стратешки да се размислува. – Ова е и порака за нашите пријатели од Бугарија. Надминете ги билатералните прашања и исто така почнете да размислувате стратешки, порача австрискиот министер за надворешни работи.
Неговиот чешки колега Јан Липавски кому ова му е втора посета на Скопје годинава, нагласи дека целта на посетата е да изразат поддршка за земјата, да ги охрабрат сите политички актери да ги преземат неопходните чекори за влез во ЕУ.
– Кога зборувам секогаш велам НАТО ја гарантира безбедноста, а ЕУ го гарантира просперитетот. Го посакувам истото за Северна Македонија. Веќе сте членка на НАТО. Северна Македонија ја сметаме како дел од европското семејство веќе и процесот едноставно треба само да се заврши, рече Липавски.
Порака за охрабрување и од словачкиот министер Мирослав Влаховски, кој истакна дека целата ЕУ препознава дека Северна Македонија е подготвена успешно да ги заврши пристапните преговори. Ова, вели тој, е докажано со досега успешниот скрининг процес кој ќе заврши во ноември, годинава, а потоа ќе почнат да се отвораат кластерите и поглавјата по состанокот на Советот на ЕУ во март следната година.
– Ова е време кога треба да бидете самоуверени и да ги спроведете сите реформи и трансформативни процеси за да успеете во процесот на преговори. Треба сега да станете водачи, локомотивата која што ќе го влече процесот напред, да станете пример што треба да се следи. И се надевам дека оваа мисија ќе заврши и оваа задача ќе заврши до 2030 година. Сакаме да станете лидер на Балканот во ЕУ интеграциите…Времето е сега, изборот е јасен. Ве очекуваме да станете членка на ЕУ што поскоро, а не подоцна, рече Влаховски нагласувајќи дека навистина се исплати европското членство.
Тројцата министри Шаленберг, Липавски и Влаховски кои се во посета на земјава, ќе се сретнат со претседателот Стево Пендаровски, со спикерот на Собранието Талат Џафери, со пратениците од мнозинството и од опозицијата, за да помогнат да се изгради национален консензус за најитната стратешка цел зачленување во ЕУ. По завршување на средбите министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка попладне ќе одржат прес-конференција во Делегацијата на ЕУ во Скопје.