Шеснаесет банки на ред за 1,91 милијарди евра: стартува трката за финансирање на брзата пруга од Коридор 10

Шеснаесет меѓународни финансиски институции и комерцијални банки доставија писма со интерес за кредит од 1,91 милијарди евра – средствата што Северна Македонија ги бара за изградба на брзата железничка врска долж европскиот Коридор 10. Министерството за финансии потврди дека во наредните недели ќе ги анализира и евалуира понудите, а конечниот избор на кредитор се очекува до есен.

Барањето за интерес беше испратено до -24 адреси-, меѓу кои Европската инвестициска банка, ЕБРД, IFC и повеќе големи комерцијални банки. Рокот истече на 7 јули, а првичниот одѕив, велат од Министерството, „надмина очекувања“ бидејќи потврди дека коридорот се гледа како приоритетен дел од Транс-европската транспортна мрежа (TEN-T).

Проектот – вреден колку една половина од годишниот буџет на државата – подразбира 200 км двојна електрифицирана пруга од Табановце до грчката граница, со патни брзини до 200 км/ч. Паралелно, Министерството за транспорт и МЖ Инфраструктура ги подготвуваат тендерите за изведувач, а Владата најавува старт на градежните работи во првата половина на 2026 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен