Шокантни приказни од основните училишта – насилството расте, системот затајува

Бојкот на настава во две скопски училишта, тежок инцидент со ученик кој завршил во болница и алармантни пријави за насилство – ова се само дел од мрачната слика во македонските училишта, објави Радио Слободна Европа.

Во основно училиште надвор од Скопје, ученик беше тешко повреден од соученик, раскажува неговиот татко:
„Сликата беше шокантна – Брза помош, крв на главата, не нѐ препозна како родители. Лекарите велат ќе му требаат шест до осум месеци за опоравување.“

Во Скопје, случај со прваче на кое ученици се обиделе да му „вбризгаат инекција“ во училишниот двор доведе до суспензија на наставник, дисциплински постапки и оставка на директорот. Во друго училиште, ученик со две години трпел физичко и вербално малтретирање, со снимки кои се делеле по вибер-групи.

Министерството за внатрешни работи годинава евидентирало 155 пријави за меѓуврсничко насилство, од кои половина во Скопје. Минатата година бројката беше 177.

Министерката за образование, Весна Јаневска, изјави дека системот е должен да овозможи образование за сите деца, но призна дека решавањето на проблемите е споро:
„Ако училиштата и стручните служби не најдат решение, Министерството ќе се вклучи.“

Психологот Деспина Стојановска предупредува дека насилството е резултат на недостиг од семејна поддршка и системска соработка:
„Среќно и задоволно дете нема потреба да прави врсничко насилство. Но, ако системот не функционира, насилството се шири.“

Бојкотот на настава во училиштата „11 Октомври“ и „Лазо Ангеловски“ покажува дека проблемите се прелеваат и меѓу родителите, кои одбиваат да прифатат или задржат деца со историја на насилство.

МОН потсетува на достапноста на електронската адреса за пријавување насилство, но родителите остануваат скептични дека училиштата ги кријат проблемите „под тепих“.

Зачлени се на нашиот е-билтен