Властите во Република Српска го одбележаа 9 јануари како „Ден на РС“, и покрај двете пресуди на Уставниот суд на Босна и Херцеговина со кои датумот беше прогласен за неуставен и дискриминаторски кон Бошњаците и Хрватите во земјата.
На прославата присуствуваше и македонскиот вицепремиер Иван Стоилковиќ, министер за односи меѓу заедниците, кој на социјалните мрежи се пофали: „Разговаравме кој најмногу пати присуствувал на прославите на Денот на Република Српска. Без да се фалам, јас сум убедливо на прво место, а веднаш по мене е Никола Селаковиќ (српски министер за култура), и да бидам искрен, дури и не се сеќавам кога последен пат бев отсутен.“
За јавноста во Македонија присуството на вицепремиерот Стоилковиќ на оваа пара-парада, е најмалку без чувство за лојалност кон македонската влада во период кога опозицијата инсистира дека Мицкоски е во тесна релација со Србија и со Александар Вучиќ.
Радио Слободна Европа/Радио Либерти извести дека на плоштадот Краина во Бања Лука беа распоредени околу 800 полицајци, кои маршираа во свечена поворка. На настанот учествуваа и околу 2.000 претставници на околу 30 граѓански организации од Република Српска и соседна Србија.
Меѓу официјалните гости што ја следеа поворката беа членката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, премиерот на Република Српска, Саво Минич, заедно со министрите, вршителката на должноста претседателка на Република Српска, Ана Тришиќ-Бабиќ, претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ и голем број пратеници. На подиумот се појави и поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, заедно со Род Благојевиќ, поранешниот гувернер на американската држава Илиноис, осуден за корупција и помилуван од Трамп во февруари 2025 година. Во март минатата година, Благојевиќ потпиша договор за лобирање во корист на властите во Република Српска. За разлика од претходните години, овој пат рускиот амбасадор во БиХ, Игор Калабухов, не беше присутен на сцената.
На настанот учествуваа и членови на локалниот огранок на руската мотоциклистичка група „Ноќни волци“, позната по својата отворена поддршка за Кремљ.
Беа прикажани и хеликоптери „Ансат“ купени од Русија за воздухопловната служба на РС, како и оклопни возила „Деспот“ и „Вихор“. Во поворката учествуваа и формации на Цивилната одбрана, Авто-мото сојузот, Студентскиот сојуз и Ловечкиот сојуз на РС, вработени во разни институции. Беа претставени и бројни културно-уметнички друштва и спортски клубови.
Претходно, во црквата „Христос Спасител“ беше отслужена литургија, предводена од српскиот патријарх Порфириј, на која присуствуваа и неколку српски министри и заменици, предводени од министерот за култура Никола Селаковиќ. Во нивно друштво беше и Стоилковиќ, кој сподели фотографија со Порфириј.
Српскиот претседател Александар Вучиќ испрати честитка по повод „34 години постоење и борба за зачувување на српското име, вера, традиции, обичаи и идентитет“, а министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ го опиша 9 јануари како „еден од најважните датуми за српскиот народ“.
Измените на Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, воведени во 2023 година од страна на високиот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит, предвидуваат санкции за непочитување на одлуките на Уставниот суд. Секој што учествува во организацијата на неуставното одбележување на 9 јануари како Ден на Република Српска може да биде казнет со затвор од шест месеци до пет години, како и забрана за вршење јавна функција. Сепак, досега не се изречени санкции.
Обвинителството на Босна и Херцеговина потврди за Радио Слободна Европа дека пред една година е отворен случај поврзан со претходната прослава на 9 јануари, а на него работат двајца обвинители.
Датумот 9 јануари властите на Република Српска го одбележуваат како ден на кој во 1992 година српските претставници во тогашното Собрание на Босна и Херцеговина ја прогласија „Република на српскиот народ во Босна и Херцеговина“. За Бошњаците и Хрватите, тој го симболизира почетокот на војната, за време на која беа извршени геноцидот во Сребреница и други сериозни воени злосторства, што доведе до потпишување на Дејтонскиот мировен договор кон крајот на 1995 година.
Канцеларијата на високиот претставник во БиХ нагласи дека прославата на 9 јануари е јасно кршење на конечните и обврзувачки одлуки на Уставниот суд, кој веќе изјави дека овој датум не ја одразува колективната меморија на мултиетничкото општество и е дискриминаторски. Заедно со „Денот на Република Српска“, се прославуваше и таканаречениот „Ден на борците од патриотската одбранбена војна на РС“, иако не се појавува како официјален празник во законот на ентитетот за празници.
Босна и Херцеговина сè уште нема заеднички државен закон за празниците, и покрај повторените обиди да се донесе во текот на изминатите 25 години, при што поединечните ентитети применуваат свои, различни прописи.