Што е лавот, а што глушецот, во басната на која алудира Мицкоски?

Тоа е како кога глушецот го задева лавот, вака вчера претседателот на Владата Христијан Мицкоски ја квалификуваше изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев дека е „северномакедонски премиер“.

Мицкоски порача на Георгиев да не му се обрнува внимание зашто „одработува“ и зашто тој што го раководи во позадина му дал задача „да се закача“.

– Тоа момче е пратено да привлече мое внимание. Мислам дека не треба да му дадеме можност. Апелирам и до вас медиумите, оставате го. Тоа е Влада која во позадина друг ја раководи. Тие луѓе треба да одработат. Му рекле, му дале задача „ајде сега, закачај се”. Тоа е исто како кога глушецот го задева лавот, одговори кусо Мицкоски.

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев во интервју за БТВ се пофали дека неговата држава станала фактор во ЕУ и во регионот, со став дека Македонија тоа треба да го има предвид. Зборувајќи за премиерот Мицкоски, го нарече „северномакедонски“ премиер.

Не спориме дека Георгиев направи недозволива дипломатска провокација, но толкувањето на Мицкоски според кое тој сугерира кој е лав, а кој глушец, воопшто не е соодветно со карактерите на лавот и глушецот во басната на Езоп (Гркот). Во таа басна овие животни со човечки карактеристики, всушност, се благородни ликови кои си помагаат еден на друг кога било кој од нив ќе западне во неволја.

Еве ја басната за лавот и глушецот:

Езоп за деца: Лавот и Глушецот – Поучна басна

Со големата глава потпрена на шепите, Лавот беше заспал длабоко во шумата. Срамежливо мало Глувче неочекувано налета на него и од страв и брзање да се извлече, истрча над носот од Лавот. Лут затоа што Глувчето го разбуди од слатката дремка, Лавот ја положи огромната шепа врз него, решен да го убие.

„Поштеди ме!“, го молеше малото Глувче. „Пушти ме да си одам, те молам. Еден ден ќе ти се оддолжам, ти ветувам.“
На Лавот, самата помисла дека еден глушец би можел да му помогне му беше смешна, па затоа што го глувчето успеа да го насмее и расположи, тој реши да го поштеди.

Неколку дена подоцна, додека го демнеше својот плен во шумата, Лавот беше западнал во ловечка мрежа и не можејќи да се ослободи, ја затресе шумата со лутото рикање. Глувчето, кое беше во близина го препозна гласот на Лавот и брзо поттрча да го најде. Кога го здогледа како се мачи во мрежата, Глувчето бргу тргна кон јажињата и почна да ги грицка. Грицкаше и глодаше сѐ дури не го ослободи.

Лавот веќе ослободен, се заврте накај Глувчето за да му се заблагодари, а тоа му рече:
„Се смееше кога реков дека ќе ти се оддолжам. Еве, сега гледаш дека дури и еден мал Глушец може да му помогне на еден голем Лав.“

Тој ден Лавот сфати дека ниедно добро дело не е залудно и реши веќе никогаш да не потценува ниедно мало суштество.

Зачлени се на нашиот е-билтен