Што јадеме? АХВ вратила над 122 тони увозна храна, а речиси 70 тони уништила

Над 122 тони увозна храна од животинско потекло биле вратени во земјите од кои пристигнале во првите осум месеци од 2026 година. Податоците ги соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, на денешниот настан по повод Светскиот ден на храната.

Од јануари до август, инспекторите спровеле 74.838 надзори, при што биле уништени 69.776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз. Дополнително, бил забранет увоз на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло. Вратените пратки од животинско потекло тежеле вкупно 122.602 килограми.

Преку Одделението за заштита на потрошувачите биле поднесени повеќе од илјада иницијативи за инспекциски надзор. Најголем дел се однесувале на здравствената заштита и благосостојбата на животните. Миланов ја нагласил потребата од превенција, едукација и соработка со производителите и операторите со храна.

На панелот во Кисела Вода биле предвидени и теми за електронската трговија со храна, рекламирањето прехранбени производи, додатоците во исхраната и храната за спортисти. Настанот го организирале Општината, АХВ и Институтот за јавно здравје.

Миланов посочил дека контролата на храната бара координација од земјоделското производство, преку преработката и дистрибуцијата, до крајниот потрошувач. Во тој процес, АХВ соработува со Министерството за земјоделство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Платежната агенција, со цел навремено откривање и отстранување на ризиците.

На настанот присуствувале и директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, и градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска. Во дискусијата биле вклучени граѓани, претставници на градинки, основни и средни училишта, спортски клубови и оператори со храна од општината.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?