Советот на Народната банка донесе 12 одлуки кои ја заокружуваат регулативната рамка за решавање банки, со што се обезбедува усогласување со највисоките меѓународни стандарди и добри практики. Овие одлуки претставуваат значаен чекор кон натамошно зајакнување на стабилноста на финансискиот систем и заштита на јавниот интерес.
Со овие подзаконски акти се операционализира Законот за решавање банки, кој беше донесен на 3 октомври 2023 година. Со нив се регулираат два основни вида активности: активностите коишто Народната банка и банките ги преземаат во редовното работење (т.н. подготвителни активности) и активностите коишто Народната банка ги презема во случај на решавање банка, којашто е од јавен интерес и за која се исполнети условите за престанок со работа.
Најзначајна активност во рамките на првата група активности е изработката на план за решавање за секоја банка и оцената на можноста за нејзино решавање. Целта на овие активности е обезбедување подобра подготвеност на Народната банка и банките за справување со кризни ситуации. Со цел да се зголеми отпорноста на банките во рамките на подготвителните активности, Народната банка ќе ја утврдува и висината на минималната стапка на сопствени средства и дозволени обврски (МРЕЛ), којашто секоја банка треба да ја исполнува. Во согласност со Законот, банките треба да ја достигнат висината на оваа стапка најдоцна до 31 декември 2032 година.
Исто така, за потребите на финансирањето на решавањето банки е предвидено создавање Фонд за решавање банки, кој ќе се финансира од годишните придонеси на банките и од други извори. Народната банка ја пропишува методологијата за утврдување на висината на годишните придонеси на банките во Фондот, а исто така ќе одлучува и за неговата употреба во случај на решавање банка. Со втората група подзаконски акти подетално се регулираат активностите и инструментите за решавање и овластувањата и одговорностите на Народната банка во случаите кога се исполнети условите за решавање банка.
Примената на овие одлуки започнува на 13 октомври 2025 година, со влегувањето во сила на Законот за решавање банки. Во согласност со овој закон, Народната банка е надлежен орган за решавање банки.
Растот на активата на домашните банки и можни сопственички промени
Народната банка на Македонија ги објави најновите податоци за активата на 13-те банки кои функционираат во земјава. Овие податоци не само што се интересни по себе, туку и од аспект на можни сопственички промени, за кои се шпекулира дека се можни на домашниот, но и на поширокиот финансиски пазар.
Во продолжение, ќе разгледаме колку се големи и како се развиваат домашните банкарски играчи според последните бројки на централната банка, кои се однесуваат на крајот на минатата година.
Комерцијална банка, според активата на крајот од декември 2024 година, има вкупна актива од 2,905 милијарди евра. Тоа значи дека оваа банка веќе се доближува до психолошката граница од три милијарди евра, што може да се очекува да се достигне во наредниот квартал, ако се има предвид дека во однос на претходниот квартал активата на Комерцијална банка пораснала за 157 милиони евра. Ова е дел од трендот на раст, кој продолжува и во претходните квартали.
Втора на листата на најголемите банки во земјава е Стопанска банка Скопје, која на крајот од декември лани имала актива од 2,34 милијарди евра, што претставува раст од 125 милиони евра во однос на претходните три месеци. Ова ја позиционира како стабилен играч на домашниот банкарски пазар.
НЛБ Банка, која долго време фигурира како трета на листата, на крајот од 2024 година достигнала актива од 2,12 милијарди евра, со раст од 183 милиони евра во однос на претходниот квартал. Со овој раст, НЛБ Банка ја надминала границата од две милијарди евра.
Четврта на листата е Халк банка, која достигна актива од 1,855 милијарди евра, со зголемување од 183 милиони евра. Шпаркасе банка, исто така, забележала значителен раст, со актива од 1,749 милијарди евра, што претставува раст од 170 милиони евра.
По овие големи банки следуваат три средни банки. Прокредит банка има актива од 846 милиони евра, што претставува раст од околу 46 милиони евра, додека УНИ Банка достигна актива од 456 милиони евра, со зголемување од 26 милиони евра во однос на претходниот квартал. Развојна банка, пак, стигнала до актива од 303 милиони евра, со раст од 12 милиони евра.
Малите банки, иако се со помала актива, исто така имаат интересни податоци. Централна кооперативна банка ја предводи оваа група со актива од 202 милиони евра, што е зголемување за над 10 милиони евра во однос на претходниот квартал. ТТК банка е следна на листата, со актива од 179,2 милиони евра и раст од 12 милиони евра. Стопанска банка Битола има актива од 178,8 милиони евра, што претставува помал раст од 4 милиони евра.
Овие податоци се интересни и поради шпекулациите во финансиските кругови за можни сопственички промени. Се зборува дека е можно купување на некоја од помалите банки, при што најверојатно ќе бидат вклучени големите банки или финансиските друштва кои се познати по делувањето на пазарот за брзи кредити.
Комерцијална банка, која претходно понуди да ја купи Стопанска банка Битола, се повлече по одлуката на акционерите да ја одбијат понудата. Оваа приказна, според нив, е завршена и повеќе не се очекуваат понуди од нив. Сепак, не се исклучува можноста за понуди од други банки, вклучувајќи странски играчи, што може да доведе до промени на банкарскиот пазар во иднина.
Ваквите трансакции се следени со големо внимание, бидејќи можат да влијаат на стабилноста на банкарскиот сектор, но и на финансиските трендови во земјава.